Шпаркасе банка Македонија, Охридска банка и матичната банка Штаермеркише Шпаркасе од Грац заеднички донираа 110.000 евра за да се помогне во надминување на последиците од коронавирусот. Групацијата Штаермеркише Шпаркасе ја искажува својата солидарност и преку наменска донација на повеќе здравствени институции и помош на 1.500 социјално загрозени семејства.
Донацијата од 110.000 евра ќе биде искористена за поддршка на различни сегменти од здравствениот систем. За Клиниката за заразени болести и фебрилни состојби во Скопје се донирани 54.000 евра за набавка на заштитни маски и скафандери, одржување и ремонт на постојна медицинска опрема и за набавка на вертикална ламинарна комора. Во рамките на оваа донација се издвоија финансиски средства и за поддршка на двете општи болници во Куманово и Охрид и обезбедено е гориво за 32 возила на Брза помош. Истовремено, оваа недела започнува испораката на пакети со храна и средства за хигиена за 1.500 загрозени семејства, во соработка со Црвен крст на Град Скопје.
„Во тимот е силата. Затоа е важно во ова време да покажеме висока колективна одговорност и грижа за системот во целина. Со оваа заедничка донација подаваме рака на најкревкиот сектор во моментот во земјата“, изјави Нина Неданоска, претседател на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје.
„Солидарно, работејќи заедно, ќе го победиме Ковид-19. Во овие тешки моменти, наш приоритет е да останеме здрави, да ги помогнеме и поддржиме нашите сограѓани и институции и да ги одржиме стабилноста и здравоста на Банката. Донацијата ја правиме во пресрет на велигденските празници, со порака дека веруваме, се надеваме и споделуваме“, изјави д-р Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија.