ШТИПСКИ ПРОФЕСОР СЕКОЈ ДЕКЕМВРИ ДРЖЕЛ ТЕЗГА СО НОВОГОДИШНИ ЧЕСТИТКИ, ПРОДАВАЛ ИЛЈАДНИЦИ ВО СЕЗОНА

    ШТИПСКИ ПРОФЕСОР СЕКОЈ ДЕКЕМВРИ ДРЖЕЛ ТЕЗГА СО НОВОГОДИШНИ ЧЕСТИТКИ, ПРОДАВАЛ ИЛЈАДНИЦИ ВО СЕЗОНАГоран Зарков и неговиот колега Чачаров со години ја доловуваа атмосферата во Штип и тие биле единствените продавачи на честитки со регуларно одобрение од УЈП и од локалните власти. (Фото: Лична архива на Зарков)

    Штипјани го познаваат Мијалче Чачаров не само како професор по историја, туку и како поранешен продавач на новогодишни честитки. Цел декември, тој слободното време го поминуваше во холот на трговскиот центар во Штип покрај неговото пано наполнето со илјадници новогодишни разгледници.

    „Воопшто не се срамев од дополнителната работа, бидејќи за мене, чесниот труд бил и е најсветото нешто. Настојував најпрофесионално да си ја завршам работата на училиште, а потоа во слободно време да продавам новогодишни честитки. Саботите и неделите беа најпрометните денови. Во сезона продавав 200.000 честитки. Со дополнителната заработувачка си ги школував децата. Двајцата синови денес се врвни доктори и ги бараат во странство“, вели Чачаров,  кој за жал нема фотографија од тоа време, единствената е од неговиот колега Горан Зарков.

    Во летниот период, тој заминувал за Истанбул, каде што за една германска марка купувал по 70 новогодишни разгледници. Овде ги продавал за десет денари. За да се задоволи побарувачката, морал неколку пати да оди за Истанбул.

    Заедно со професорот, своја тезга со новогодишни честитки имал и Горан Зарков додека бил невработен.

    „Јас и професорот бевме единствените продавачи на новогодишни честитки кои имавме одобренија за продажба. Во УЈП ни кажуваа дека само ние двајца во Источна Македонија сме ги почитувале законите“, додава Зарков.

    И двајцата сметаат дека таквата работа била напорна и тешка. Се работело по цел ден на студено време, но имале контакт и муабет со бројни минувачи и граѓани кои купувале честитки и ги праќале на роднини и пријатели. Денес, новогодишното честитање се замени со мобилните телефони.

    Штипјани со носталгија зборуваат на оваа тема. Велат, со години, декември им бил најубавиот месец во годината, зашто се чувствуваше прекрасна предновогодишна атмосфера. Новогодишните честитки беа посебен декор.

    Денешните тезгаџии продаваат разни новогодишни реквизити и дребулии, само не честитки. Велат дека набавката била скапа, а немало речиси никаква заработувачка.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира