ШТРКОВИТЕ КОЗМО И БИСЕРА ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД ГО ИЗБРАА ПРЕСПАНСКОТО СЕЛО ДРМЕНИ ЗА СВОЈ ДОМ И СТАНАА ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА

    ШТРКОВИТЕ КОЗМО И БИСЕРА ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД ГО ИЗБРАА ПРЕСПАНСКОТО СЕЛО ДРМЕНИ ЗА СВОЈ ДОМ И СТАНАА ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈАКозмо и Бисера годинава се вратија во Дрмени со една недела растојание во април. (Фото: Т. Таневска)

    Љубовта и приврзаноста на штрковите Козмо и Бисера од Дрмени стана вистинска туристичка атракција. Штрковите кои втора година по ред се вгнездија во ова преспанско село, не само што ги израдуваа локалните жители, туку почнаа да привлекуваат и туристи. Оние кои патуваат за Отешево минуваат низ ова село, па вниманието им го привлекува високото гнездо на еден од електричните столбови, каде што може да се забележи парот штркови како стојат со допрени клунови или ги хранат четирите штркчиња, принова што ја добија деновиве.

    „Убаво за очи е кога ќе видите дека љубовта е околу нас, кога ќе видите дека и птиците можат да бидат нежни како и луѓето“, велат гости од Дрмени.

    Двојката доби четири принови и сложно го брани гнездото од натрапници (Фото: Т. Таневска)

    Имињата им ги даде Тања Таневска. Гнездото е во близина на нејзиниот двор.

    „Женката ја нареков Бисера како бисер на Отешево, а мажјакот Козмо како космос, зашто летаат далеку. Лани првпат дојдоа во Дрмени и сами си направија гнездо, а оваа година, градот Ресен им направи седло со убава метална подлога. Козмо слета на 5 април, а Бисера на 12 април и цел ден не се делеа. Романтичната бајка продолжи. Лани добија две штркчиња, годинава четири“, раскажува Таневска.

    Семејството штркови сложно го брани своето гнездо.

    „Оваа година кога долетаа, друг штрк се обиде да им се всели во гнездото, но го набркаа. Имаше и ситуација кога орел се обиде да ги грабне штркчињата, па во одбраната им се придружи и друг штрк од околината. Ја набркаа птицата и ја спасија приновата“, вели Таневска.

    Белите штркови се сметаат се симбол на среќа и радост во многу села во земјава. Според истражувањата, во 2016 во Македонија имало 833 активни штркови гнезда, а Преспа е еден од најпосетуваните региони од овие птици преселници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира