СЛИКИ НА НЕПОЗНАТ ЛИКОВЕН ГЕНИЈ ОТКРИЕНИ ВО БИТОЛА

    СЛИКИ НА НЕПОЗНАТ ЛИКОВЕН ГЕНИЈ ОТКРИЕНИ ВО БИТОЛАБитолскиот Завод и музеј со години ги откупувал цртежите од познати градски семејства, а кога се констатирало дека се работи за ист уметник, станало јасно дека Битола на крајот на 19 век имала ликовен талент кој во свое време бил познат, а потоа низ годините заборавен (Фото: СДК.МК)

    Уметнички слики на досега непознат ликовен гениј кој живеел кон крајот на 19 и почетокот на 20 век се откриени во Битола. Станува збор за многу талентиран и образован уметник кој под цртежите се потпишувал со грчка азбука како А. Диакону. Неговите дела се откритие на битолскиот графички  уметник и кустос по современа уметност во битолскиот Завод и музеј Владо Ѓорески-Рафик. Тој, како добар познавач на ликовните пулсирања во минатото и сега, смета дека се работи за многу важно културно откритие кое ќе ги помести почетоците на современата македонска ликовна уметност.

    Цртежи од многу талентиран и образован уметник кој живеел кон крајот на 19 и почетокот на 20 век и кој под цртежите се потпишувал со грчка азбука како А. Диакону (Фото. СДК.МК)

    „Имаме некои индиции за тоа кој бил, но ќе ни треба време за да излеземе со точни податоци. Најверојатно е битолчанец кој студирал во Виена или во Минхен, па оставил низ градот свои дела во познати битолски семејства. Се работи за човек кој имал голема ликовна дарба и ликовна култура. Работел во реалистички стил и е најверојатно академски сликар. Користиел бидермаер стил, поточно еден вид на реализам , разубавен, романтичен“, вели Ѓорески.

    Заводот со години ги откупувал цртежите. Кога се констатирало дека се работи за ист уметник, станало јасно дека Битола имала ликовен талент кој во свое време бил познат, а потоа низ годините заборавен.

    Сликарот најверојатно е битолчанец кој студирал во Виена или во Минхен, па оставил низ градот свои дела во познати битолски семејства (Фото: СДК.МК)

    „Делата постепено биле откупувани од една битолска фамилија, па од друга. Во некои од побогатите куќи имало по едно-две дела, што значи дека тој човек ги продавал или подарувал. Имало комуникации со него и населението во тој период го знаело. Овие дела ги имавме во депото, одвреме- навреме беа збогатувани, надополнувани, дури не се собра една мини изложба во која може да се следи неговото творештво. Покрај портрети, има мртви природи, цвеќиња, животни-вели Ѓорески.

    Цртежите ги имаат сите генералии што треба да ги има дело на образован сликар. Потпис, година, наслов на цртежот. Се потпишувал најчесто со грчка азбука како А. Диакону (Фото: СДК.МК)

    Цртежите ги имаат сите генералии што треба да ги има дело на образован сликар. Потпис, година, наслов на цртежот. Се потпишувал најчесто со грчка азбука како А. Диакону. Целата графологија од неговиот потпис се испитува под микроскоп.

    „Имаме 20 дела од авторот и со нив ќе направиме ревизија на современата македонска ликовна уметност. Досега се претпоставуваше дека таа почнува во 1930-тите години со Мартиновски, Личеновски, Пандилов. Но, овој автор покажува и докажува дека со овие дела современата македонска ликовна уметнист почнува од крајот на 19 век. Тоа е сериозен момент не само за љубителите на ликовната уметност, туку е многу важен за проучувачите на нашата ликовна уметност.  Ваква појава, ваков уметник, досега Македонија немала“, вели Ѓорески.

    Делата се откритие на битолскиот графички уметник и кустос по современа уметност во битолскиот Завод и музеј Владо Ѓорески-Рафик (Фото: СДК.МК)

    Давесетте дела на новооткриениот ликовен уметник заедно со други четириесетина од македонски и странски автори ќе бидат изложени во поставката „Македонски цртеж и цртеж меѓународен“. Изложбата ќе биде во септември во битолскиот Завод и музеј. Поради сериозниот  пристап и истражување, потребната конзервација, репарација на делата, не може да се стигне изложбата да биде организирана во рамките на „Битфест“. Во септември договорено е да ја отворат високи  претставници од Министерството за култура.

    На есен во организација на Ѓорески ќе биде преставена уште една изложба посеветена на големиот битолски уметник Перо Спировски, кој почина пред 15 години, а по неговата смрт бил запоставен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира