СО ЧЕПКАЛКИ ЗА ЗАБИ И ТУШ ЈА СЛИКА ДУШАТА НА БИТОЛСКАТА СТАРОГРАДСКА АРХИТЕКТУРА

    СО ЧЕПКАЛКИ ЗА ЗАБИ И ТУШ ЈА СЛИКА ДУШАТА НА БИТОЛСКАТА СТАРОГРАДСКА АРХИТЕКТУРАЦиклусот на цртежи беше дел од 210 експонати во Ретроспективната изложба по повод 60 години од творештвото на Панде Петровски со кои деновиве се отвори 49. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола (Фото: СДК.МК)

    Во вештите раце на битолскиот ликовен уметник Панде Петровски дури и чепкалките за заби цртаат врвни уметнички дела. Таков е случајот со неговиот циклус цртежи во кои старата битолска архитектура ја наслика со туш и дрвена чепкалка за заби. Перодршката ја остави сметајќи дека е тврда, а со народски кажано „чечкалиците“ црта дури и полутонови. За една година наслика над 40 цртежи со мотиви од старата битолска архитектура, нанесувајќи ги сите детали со таква прецизност што делата личат како да се печатени.

    „Ова е туш работен со чепкалка. Перцето е тврдо и остава еднобразна линија, а јас кога цртам едноставно сакам да сликам и полутонови, да биде меко тоа, да има душа. Чепкалката го овозможува тоа зашто е мека и остава каде што треба поширока или потенка линија. Со оваа техника секаде каде што одам, а сум бил на над 30 меѓународни ликовни колонии, колеги се интересираат, се обидуваат да цртаат вака, но признаваат дека е тешка техника“, вели уметникот.

    Од циклусот цртежи во кои Петровски старата битолска архитектура ја наслика со туш и дрвена чепкалка за заби (Фото: СДК.МК)

     

    Овој начин на цртање Петровски го негува уште од детството кога со туш и молив шетал низ градот и ги цртал старите куќи и дуќани. Овој негов циклус уметнички дела со староградска архитектура сведочи дури и за градби кои веќе ги нема или годините им го промениле ликот.

    „Од 1956 имам зачувани цртежи едниот работен со туш, насликана е џамија од Битола, а на другиот со молив фурната на Марица. Тие цртежи ми се најдраги. Никогаш не престанав да сликам со туш и откако започнав да се занимавам со акварел и сликав и масло на платно и комбинирани слики, од работата со туш и чепкалка никогаш не ја откажав“, вели Петровски.

    Панде Петровски со директорката на Завод и Музеј Битола Мери Стојанова (Фото: СДК.МК)

    Премногу прецизно, идентично на оригиналот со туш и чепкалка ги насликал битолската Митрополија, Широк Сокак, дуќаните од чаршијата, староградски градби со железни балконлиња, разиграни линии на прозорци, специфики на фасади по кои Битола е препознатлива.

    Овој циклус на цртежи беше дел од 210 експонати во Ретроспективната изложба по повод 60 години од творештвото на Петровски со кои деновиве се отвори 49. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.

    Премногу прецизно, идентично на оригиналот со туш и чепкалка ги насликал битолската Митрополија, Широк Сокак, дуќаните од чаршијата, староградски градби со железни балконлиња, разиграни линии на прозорци, специфики на фасади по кои Битола е препознатлива (Фото: СДК.МК)

    „Овој фестивал чувајќи ја традицијата и самиот стана традиција зашто беше осмислен и граден токму од вакви личности како Петровски кој е дел од почетоците од 1971 , па до денес. Петровски е роден 1939 во Брусник, Битола, човек кој преку континуирана едукација, уметничка надградба преку ликовната насока на Педагошката академија, студиски престој во Италија, со својот огромен талент, ентузијазам, креативност изгради 60-годишна творечка кариера. Неговиот мал потег на платното отвора илјадници ѕуници, еден симбол на сценографијата отвора мозаици од сликовите приказни, еден афоризам раскажува повеќе романи“, вели Валентин Соклевски, стручен соработник на фестивалот.

    Петровски е уметник, а по душа афоризматичар и карикатурист. Застапен е во антологијата на балканскиот и македонскиот афоризам. Вели дека денес од ликовна уметност не се живее.

    Од циклусот цртежи во кои Петровски старата битолска архитектура ја наслика со туш и дрвена чепкалка за заби (Фото: СДК.МК)

    „Од ликовна уметност не се живее бидејќи такви времиња дојдоа. Јас сум еден од основачите на Друштвото на ликовни уметници на Битола, и порано имаше општинска комисија која откупуваше по едно дело од секоја изложба и така се создаваше фонд. Денес тоа го нема, ги нема ни големите фабрики кои можеа да откупат дела. Денес се направи мода да се купуваат печатени цртежи, луѓето поевтино минуват. Многу тешко се продаваат слики“, вели Петровски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира