Велешаните Росана и Анде Јанкови летово беа меѓу шестмината Македонци кои учествуваа на СУП Регатата во Србија, каде што успешно извеслаа 101 км на даски по Дунав од Нови Сад до Белград. Тие беа заедно со околу 50 учесници од од Србија, БиХ, Словенија, Унгарија и Романија. Стоечко веслање на даска (СУП) е нов спорт, кој добива сè поголема популарност во светот.
„Стоечкото веслање на даска е спорт на вода, роден од модерното сурфање на Хаваите. Со балансирање и стоење на самата даска и со помош на весло и правилно веслање, лицето се движи низ водите. Овој спорт е еден од најбрзорастечките во светот и е доста атрактивен, секој може да го проба и за брзо време да го совлада“, вели Росана Стаменкова-Јанков, која со сопругот се основачи на СУП клуб Велес, кој постои две години.
Регатата во Србија е со дводневно веслање по Дунав со кампување и ноќевање. Просечното време на веслање на даска им било шест часа на ден.
Денеска Јанкови во Охрид ќе учествуваат на Лејк Охрид СУП Кросинг 2023.
„Верувајте, сакаме овој спорт да живее на велешкото Езеро Младост. Во врска со нашите активности како клуб, идејата ни е да бидеме поразлични од останатите, за да не се поклопуваме“, вели Анде Јанков, млад писател кој досега објавил четири книги.
П. ПЕЧКОВ