Војникот Етјен Андре Валентин (1893-1940) не бил единствениот француски уметник од Македонскиот фронт, кој со молив и хартија ги овековечил случувањата во Првата светска војна. При пробојот на Фронтот со одлучувачката битката кај Добро Поле, Битолско, на денешен ден пред сто години учествувал и францускиот војник Марсел Гангилхем (1895-1949), уметник и скулптор кој таму ја загубил својата десна рака. Ја преживеал Првата светска војна, но не се откажал од творештвото, па подоцна во Франција бил познат под уметничкото име Леворак. Тој со една рака ја изработил и сопствената статуа која во 1938, две децении по крвавата битка, ја донел и поставил во Добро Поле.
„Јас сум неговата внука, родена неколку месеци по неговата смрт. Неговото ателје остана онакво какво што беше, сосема малку го средивме. Тоа поседува многу материјали и работи што го поврзуваат со годините што ги поминал тука. Овој споменик сам го подготвил во 1938 година и дошол тука да го постави на Добро Поле. Истата реплика постои и на гробиштата во Франција, а во едно малечко село Басконс има огромен број на негови дела, како и споменик на загинатите војници“, раскажа за САКАМДАКАЖАМ.МК неговата внука Шантал Гангилхем.
Градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски, на чија територија се наоѓа месноста Добро Поле, раскажува дека војникот ја поставил статуата точно на местото каде што ја загубил раката.
„Оваа битка го означува пробојот на Фронтот и почетокот од крајот на Првата светска војна. Во 1938 година точно на место каде што бил пробојот била поставена ваква скулптура и била наречена Бронзена рака, точно од Марсел Гангилхем, војникот кој ја изгубил раката. Според она што се раскажува, во моментот на пробојот кога ја изгубил раката, ја завиткал во некое платно и ја ставил под карпата. По 20 години се вратил и само дел од коски нашол, точно на таа карпа била поставена скулптурата во 1938 година“, рече Кузманоски.
Низ годините статуата исчезнала. Денес на јубилејот сто години од пробивот на Македонскиот фронт и битката кај Добро Поле на Француските гробишта во Битола, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и роднини на војникот открија споменик кој е реплика на оној што бил поставен пред седумдесет години. Висок два метри, споменикот е поставен на гробиштата во Битола, каде што почиваат 6.134 идентификувани француски војници, а се наоѓаат уште и 128 неидентификувани гробови и костурница со остатоците на околу 7.000 војници. Грутки земја земени од Верден, кој заедно со Битола беа најбомбардираните градови во Првата светска војна, денес ќе бидат истурени на Добро Поле.
Амбасадорот Тимоние изјави дека ќе создадат пат на мирот што ќе се протега од Грција преку Македонија и Косово до Србија.
„Се надеваме дека со сите процеси што се одвиваат на помирување меѓу Грција и Македонија, ние ќе можеме да изградиме еден пат на мирот кој би тргнувал од Солун каде има француски гробишта со една прекрасна капела, би водел преку Битола и овдешниот Меморијал, па Скопје каде имаме нов музејски простор, Приштина, па би завршил во Белград каде постојат импозантни гробишта. Со тоа да направиме еден нов пат, патот на мирот и Французите кои ќе доаѓаат да го откријат новиот Балкан, Балканот на мирот“, рече амбасадорот.
Денес од Новаци до Добро Поле организирана е едноднневна џип екскурзија во организација на Здружението за запознавање и патување „Оф роуд – Македонија“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА