Министерство за здравство ја потврди ефикасноста на биоцидните производи на „Алкалоид“ АД Скопје кои во својот состав имаат минимум 70 % алкохол (етанол и/или комбинација од етанол, 1-пропанол и/или 2-пропанол) за заштита од коронавирусот, соопштија од компанијата.
Јавните здравствени организации и една година по појавата на ковид-19 се едногласни дека носењето заштитна маска за лице, одржувањето физичка дистанца од минимум 1,5 метри и чистењето/дезинфекцијата на површините и на кожата на рацете се најдобри превентивни мерки од ширењето.
Засега е познато дека новиот вирус САРС-КоВ-2 може да опстојува на површините и до 9 дена, притоа останувајќи инфективен. Светските јавни здравствени институции (СЗО), Американскиот центар за контрола на болести, Американската администрација за храна и лекови одобруваат ефикасност на биоцидните производи (дезинфекциски и антисептички средства) кои во својот состав содржат еден или комбинација од повеќе алкохоли (eтанол, 2-пропанол и/или 1-пропанол), со процентуална застапеност од 60 до 95%.
Големиот број студии содржат докази дека овие формулации се сметаат за безбедни и за ефикасни при уништувањето на вирусите (вклучително и САРС-КоВ-2 ) и дека имаат висока микробиоцидна активност и дејство во рок од 30 секунди од нанесувањето.
Во согласност со консултираните научни студии и докази за ефикасноста на биоцидните средства на база на алкохол спрема САРС-КоВ-2 направени од СЗО, македонското Министерство за здравство ја потврди ефикасноста на следниве биоцидни производи на „Алкалоид“ АД Скопје: Medical (гел и полиалкохолен раствор за дезинфекција на рацете) и Ecosal (растворите за дезинфекција на раце forte, ultra, standard и active), кои во својот состав имаат минимум 70 % алкохол (етанол и/или комбинација од етанол, 1-пропанол и/или 2-пропанол). Овие производи имаат примена во хуманата и во ветеринарната медицина, индустријата, угостителството, во хотелиерството, за одржување јавна и лична хигиена и слично. Гелот Medical и полиалкохолниот раствор за дезинфекција на рацете, како и растворите за дезинфекција на рацете Ecosal (forte, ultra, standard и active) се готови за употреба.