СТУДЕНТИТЕ НА ФЕИТ СЕ БАРАНИ ОД РЕНОМИРАНИ СТРАНСКИ КОМПАНИИ, А ДРЖАВАТА НЕ ОДОБРУВА ДА СЕ ВРАБОТАТ НА ФАКУЛТЕТОТ, ВЕЛИ ДЕКАНОТ ДИМИТАР ТАШКОВСКИ

    СТУДЕНТИТЕ НА ФЕИТ СЕ БАРАНИ ОД РЕНОМИРАНИ СТРАНСКИ КОМПАНИИ, А ДРЖАВАТА НЕ ОДОБРУВА ДА СЕ ВРАБОТАТ НА ФАКУЛТЕТОТ, ВЕЛИ ДЕКАНОТ ДИМИТАР ТАШКОВСКИГодинава ФЕИТ слави 63 години од неговото основање. (Фото: СДК.МК)

    Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ годинава слави 63 години постоење. Токму на овој јубилеј факултет се стекна со АСИН акредитација со која дипломите се меѓународно признаени. За тоа што сѐ е направено изминативе години на факултетот, со какви проблеми и предизвици се соочуваат и што се нуди за идните студенти, САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски.

    • Што сѐ  е направено на ФЕИТ изминативе години? На што сте посебно горди како образовна институција?

    – По иницијалното формирање на електро-машинскиот оддел на тогашниот технички факултет во 1959, во 1976 година Електротехничкиот факултет станува самостојна членка на УКИМ. Следејќи ги современите научни и технолошки достигнувања во 2006 го менува името во Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). За овие 63 години постоење, ФЕИТ прерасна во една од водечките високообразовни институции во државата и во регионот. Ние на ФЕИТ посебно сме горди на нашите студенти кои даваат значаен придонес во развојот на државата, додека оние што продолжуваат во странство се меѓу најдобрите, што е потврда за квалитетот на нашите студенти.

    Горди сме на ASIIN меѓународната акредитација што е потврда за квалитетот на нашите студиски програми. Горди сме на нашите професори кои вложуваат исклучителни напори за воведување на најновите технологии во предметните програми како и нови наставни техники главно базирани на учење преку решавање проблеми. Вработените на ФЕИТ годишно објавуваат и по околу 30 трудови со фактор на влијание, и преку стотина трудови во меѓународни списанија и конференции. Посебно сме горди што сме лидери во државата по број на меѓународни проекти од различни програми како EC Horizon 2020, Erasmus+, NATO SPS, IPA итн. Згора на тоа, секоја година ФЕИТ имплементира по минимум десетина нови проекти што ни го зацврстува лидерското место во научно-истражувачкиот домен.

    Со задоволство можам да објавам дека во тек е потпишување на три нови проекти од новата програма Horizon Europe. Сите овие активности носат голема меѓународна препознатливост не само на ФЕИТ, туку и на државата и го афирмираат научно-истражувачкиот потенцијал кој го поседуваме. Несомнено е дека сите овие постигнувања се резултат на придонесот на голем број генерации вработени кои го вложиле и го вложуваат својот личен, наставен и научен капацитет во развојот на Факултетот.

    • Пред 4 години формиравте Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ кој е прв иновациски хаб во државата. Какви се неговите резултати досега?

    – Горди сме на нашиот Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ кој го формиравме пред 4 години. Центарот за кратко време стана препознатлив во државата и пошироко. Најдобра потврда за успехот и значењето на ИНОФЕИТ е фактот дека единствената институција од државата која е спомената во два последователни извештаи на Европската комисија за напредокот на државата во поглавјето 25 – Наука и истражување, а Европската инвестициска банка го препозна ИНОФЕИТ како единствен кандидат од слични институции во регионот на Западен Балкан кој има капацитет да прерасне во регионален центар на извонредност во делот на Информациските технологии (ИТ) и обновливите извори на енергија (ОИЕ). Уште повеќе, ИНОФЕИТ е од 2021 првиот и сѐ уште единствен Дигитален иновациски хаб (ДИХ) во државата (наведен во каталогот на ЕК во делот на паметна специјализација) и еден од ретките со таков статус во регионот. Со својата досегашна работа, ИНОФЕИТ значително го подигна степенот на договорно истражување академија – индустрија и е „виновен” за неколку иновативни дигитални решенија кои се веќе комерцијализирани и присутни на локалниот, но и меѓународниот пазар.

    Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски. (Фото: СДК.МК)

    • Колку на факултетот се следат и пратат светските пракси и технологии кои многу брзо се менуваат? Држиме ли чекорт ние?

    – За следење на новите технологии потребна е современа опрема и обучен кадар. Додека со опрема некако и успеваме да се снајдеме. главно преку меѓународните проекти и донации од компаниите со кои соработуваме, со вработување на научен подмладок ни оди малку потешко. Ние веруваме дека силата на ФЕИТ е главно во неговиот кадар и продолжуваме постојано да вложуваме во истиот. Моментално имаме преку 20 млади истражувачи кои се вклучени во наставниот процес и на истражувачките проекти кои ги имплементираме. За овие истражувачи средствата ги обезбедуваме од различни извори.

    Сепак за долгорочен развој потребни се и одредени вработувања пред се во делот на наставно-научен подмладок и лаборанти. Минатата година 8 наши колеги, од кои 6 професори, заминаа во пензија. Се обративме до Министерството за образование и наука кое даде согласност за вработување на лаборанти, но за жал кон крајот на годината бевме одбиени од Министерството за финансии. ФЕИТ моментално има само 2 лаборанти (последниот примен пред 20-тина години) за своите 15-тина лаборатории. Со ова не само што тешко може да ги пратиме новите технолошки трендови туку се доведува во прашање и безбедноста при изведување на лабораториските вежби. Оваа година поднесовме барање за вработување на 3 асистенти и еден систем инженер во нашиот компјутерски центар и повторно бевме одбиени од Министерството за финансии. Со ваквиот однос се отежнува тековното работење на Факултетот, а во одредени области дури и се доведува во прашање дејноста.

    Дополнително, доколку наскоро државата не обезбеди 6 места за асистенти, нашите сегашни демонстратори кои се вклучени во наставата ќе го изгубат правото согласно законот за високо образование да бидат ангажирани во наставата и во наредниот период и ќе мора да си бараат друго решение, претпоставувам на некоја институција во странство. Да не заборавиме, овие демонстратори се најдобрите студенти во својата генерација за кои би требало да постои повеќе слух за нивно вработување и максимално искористување на нивниот потенцијал за наука и истражување. Нам ни останува постојано да обучуваме нови колеги кои, честопати, завршуваат во други економии.

    Сакам да напоменам дека овие 6 асистенти кои решиле својот развој да го реализираат во Македонија, доколу се вработат би го оптеретиле буџетот на државата за околу 45.000 евра годишно. Мислам дека се работи замногу мали средства за да задржиме 6 магистри кои треба да развиваат области како роботика, микропроцесорски системи, енергетска електроника, дигитална заштита, кои и се потребни на нашата индустрија, а за кои ФЕИТ нема подмладок. Вложување во млад истражувачки кадар е вложување во развојот на државата и искрено се надевам дека конечно ќе се смени политиката на државата во однос на научно-истражувачкиот подмладок.

    • Каква е соработката со компаниите, имаат ли студентите пракса и колкава е таа?

    – Да бидам искрен, соработката со компаниите не е на задоволително ниво. Повеќе е декларативна отколку реална. Се сведува главно на објавување на огласи за вработување и на пракси за студентите. Ако ги следиме светските трендови таа соработка мора да биде подлабока и континуирана. Компаниите генерално не се подготвени да посветат време иресурси за високообразовните институции и за студентите. Со оглед на типот на нашата економија, многу малку домашни компании ги гледаат бенефитите од соработката со академијата. Дополнително, трансферот на знаења и технологии, што е важен услов за економски развој на државата, во развиениот свет е потпомогнат и од државата што не е случај и кај нас. Значи, факултетите имаат потешкотии да ја реализираат својата трета мисија, а тоа е соработката со стопанството.

    Од друга страна, новите технологии донесоа големи промени не само во процесот на производство туку и видот на продуктите, па и во начинот на корпоративното делување. Во услови на глобализација, нашите компании без воведување на нови технологии и иновации тешко дека ќе можат да ги сочуваат стекнатите позиции, а камоли да постигнат економски раст. Најзначаен ресурс за креирање на иновации е високообразована работна сила која за жал се помалку ја имаме. За разлика од домашните компании, се поголем е бројот на реномирани странски компании кои сакаат да остварат соработка со нас, а пред сѐ поради квалитетот на нашите студенти. Веќе имаме неколку договори за договорно истражување со странски компании, со одредени компании се договорени помали проекти во кои се вклучени студенти на магистерски студии, добиени се донации во опрема. ;оментално сме во контакт со компании кои сакаат да отворат истражувачки оддели во Македонија итн.

    Слободно можам да кажам дека интересот за соработка и предноста од соработка со реномиран факултет како ФЕИТ многу повеќе ја согледуваат странските партнери отколку домашните.Со цел да овозможиме подеднакви можности за сите заинтересирани компании кои сакаат да соработуваат со ФЕИТ, подготвуваме и нова програма Партнери на ФЕИТ која ќе ја објавиме најдоцна до септември и во која ќе бидат дефинирани сите можни форми на соработка. Со оваа програма ќе се обидеме да воведеме нов модел на соработка академија– стопанство кој е прв од овој тип во Македонија и кој ќе им понуди на компаниите различни форми и опции со кои би се зголемила нивната видливост пред студентите и би се продлабочила меѓусебната соработка со кадарот на ФЕИТ.

    Со АСИН акредитацијата студентите покрај подобрениот квалитет во наставата добиваат и меѓународно признати дипломи. (Фото: СДК.МК)

    • Што е АСИН акредитацијата, што значи таа за студентите?

    – Еден од главните приоритети кои ги имаме поставено на ФЕИТ е квалитетното образование, како основа за формирање кадри кои ќе бидат носители на развојот на државата. Од таа цел не отстапуваме, туку напротив се трудиме се повеќе и повеќе да го подигнеме нивото на образованието кое го нудиме. Уште пред десетина години воспоставивме систем за управување со квалитет ISO 9001 во сите области на делување, настава, научно-истражувачка работа и соработка со стопанството. Овој систем ни овозможи постојано следење на сите процеси и континуирано подобрување на услугите кои ги даваме во сите три области. Во услови кога акредитацијата на студиските програми во Македонија е сведена натехнички процес, а процесот за евалуација сѐ уште не е воспоставен, единствена можност за проверка на квалитетот на студиските програми и начинот на реализација на истите за нас беше меѓународната акредитација.

    Со оваа акредитација ние како факултет потврдивме дека структурата на нашите студиски програми и резултатите од истите (знаење, вештини и компетенции на студентите) се еквивалентни на европските. Дополнително, начинот на реализација на наставата, квалитетот на кадарот, соработката со општеството, транспарентноста во работата, условите за работа како и внатрешните механизми за обезбедување квалитет, се исто така на ниво на европските универзитети. Едноставно, ФЕИТ е на исто рамниште како било кој друг инженерски факултет од областа на електротехниката и информациските технологии во Европа. Во овој процес напроверка добивме и одредени барања кои требаше дополнително да ги реализираме како и препораки за понатамошен наш развој. На барањата веќе одговоривме и истите ги корегиравме при домашната акредитација на новите студиски програми.

    Целиот овој процес е од големо значење за нас, бидејќи покрај потврдување на нашиот квалитет добивме и препораки за дополнително подобрување на нашите студиски програми, што секако позитивно ќе влијае на нашиот иден развој. Студентите покрај подобрениот, квалитет добиваат и меѓународно признати дипломи со што се олеснува нивната интеграција во единствениот европски образовен систем. А ФЕИТ е посебно горд што е повторно лидер и во овој домен, односно сме единствена високообразовна институција кајнас со меѓународно препознатлива акредитација на студиски програми.

    • Зошто идните студенти да го одберат токму ФЕИТ?

    – Живееме во време на четврта индустриска револуција. Сведоци сме на сè поголема автоматизација и оптимизација во производствените процеси, користиме голем број на паметни уреди, а бизнис моделите на компаниите се повеќе се прилагодуваат на потребите на потрошувачите. Голем број на иновативни решенија се појавуваат во сите домени. Сето ова е резултат на можностите кои ги нудат новите технологии, како вештачката интелигенција, роботиката, интернет на нештата, вградените микропроцесорски системи, 5G технологијата, биомедицинското инженерство. Евидентна е се поголемата употреба на обновливи извори на енергија, електрични возила и потреба за зголемена енергетска ефикасност, а се поприсутната дигитализација и размената на сензитивни податоци ја става на значајно место и сајбер безбедноста.

    Сите овие технологии се дел од студиските програми на ФЕИТ. Доколку идните студенти сакаат да учествуваат во креирањето на светот, нивниот избор треба да биде ФЕИТ. Веќе спомнав, со меѓународната акредитација на нашите студиски програми и официјално дипломата од ФЕИТ е меѓународно призната, што ќе им овозможи на нашите идни студенти полесно да продолжат со работа во реномирани компании односно на повисоки нивоа на студии на светски универзитети. Значи, за идните студенти изборот на ФЕИТ не би требало да биде дилема. Модерни студиски програми и меѓународно препознатлива диплома се она што не прави единствени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира