ТАНЧАРИТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ ОД МАКЕДОНИЈА ОСВОИЈА БРОНЗЕН МЕДАЛ НА СВЕТСКИ НАТПРЕВАР ВО ДАНСКА

    ТАНЧАРИТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ ОД МАКЕДОНИЈА ОСВОИЈА БРОНЗЕН МЕДАЛ НА СВЕТСКИ НАТПРЕВАР ВО ДАНСКАТанчарите со Даунов синдром од танцовото студио „Дансерс јунајтед МК“ втор пат учествуваат на Светското првенство во модерни танци, за лица со попреченост и со типичен развој, кое се одржува од 2008 година. (Фото: Дансерс јунајтед МК)

    Танчарите со Даунов синдром од танцовото студио „Дансерс јунајтед МК“ вчера освоија трето место на Светското првенство во модерни танци, што се одржува во Копенхаген во Данска.

    „Многу сум среќен. Кога почнавме да играме ми се тресеа колениците и се плашев да не згрешам. Но, испадна супер. Среќен сум што освоивме медал. Тое е поттик за уште повеќе да работиме, па догодина и прво место“, вели Александар Матовски Цако, еден од танчарите со Даунов синдром.

    Лани беа шести, годинава трети, а се надеваат дека догодина ќе бидат први – екипата од Македонија позира заедно со двете победнички екипи од Германија (Фото: Дансерс јунајтед МК)

    Екипата составена од танчарите Ана Беќарска, Моника Бисовска, Христијан Стојанов, Дарко Ефтимовски, Ена Митревска, Александар Матовски и Оливер Блажевски, предводени од нивните ментори и тренери Сара Кочан, Нермин Кочан и Виолета Балшевска, на Македонија ѝ ја донесоа бронзата.

    Натпреварувањето трае до 21-ви овој месец, а лица со попреченост и лица со типичен развој се натпреваруваат во повеќе танцови дицсиплини. Танчарите од „Дансерс јунајтед МК“ се натпреваруваа во интегративна паратанц група во хип хоп. Првото и второто место во оваа група го освоија танчари од Германија.

    „Другите групи се мешани, односно пола од танчарите беа со попреченост, а пола со типичен развој. Нашата група беше составена само од танчари со попреченост“, вели Сара Кочан, тренер и ментор на танчарите од „Дансерс јунајтед МК’.

    Ова е второ учество на танчарите со Даунов синдром на Светското првенство во модерни танци, кое се одржува од 2008 година. Тие лани учествуваа на натпреварувањето што се одржа во австрискиот град Грац.

    „Лани беа шести, годинава трети, а догодина се надеваме дека ќе бидат први“, вели Кочан.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари