ТЕТОВЕЦОТ НАДИР МУРСЕЛИ ВО ЕДЕН ДЕН ГИ ИСКАЧИ ТРИТЕ НАЈВИСОКИ ВРВА НА ШАР ПЛАНИНА

    ТЕТОВЕЦОТ НАДИР МУРСЕЛИ ВО ЕДЕН ДЕН ГИ ИСКАЧИ ТРИТЕ НАЈВИСОКИ ВРВА НА ШАР ПЛАНИНАЗа овој подвиг, на Мурсели му биле потребни 20 часа, при што поминал 53 километри (Фото: приватна архива)

    Тетовскиот алпинист Надир Мурсели постигна невообичаен подвиг: успеа за помалку од 24 часа да се искачи на трите највисоки врва на Шар Планина, Титов Врв, Кобилица и Љуботен. За постигнувањето на овој рекорд му биле потребни околу 20 часа, при што поминал 53 километри во пешачење и висинска разлика од 4.000 метри.

    Акцијата ја почнал во четвртокот во еден часот по полноќ, кога тргнал од Попова Шапка кон Титов Врв. На почетокот, логистичка поддршка му бил колегата Лабинот Ахмети, а потоа одел сам. Екстремната планинска тура ја завршил вечерта околу 21 часот, кога се искачил на Љуботен.

    „Искачувањето на три врва во еден ден како што се Титов Врв, Кобилица и Љуботен е исклучително напорно. Целта е битна, но и фокусот е многу важен, а тоа е планината. За време на искачувањето бев во постојана телефонска комуникација со своите пријатели, кои се интересираа како оди искачувањето. Се движев сам кон Титов Врв во потполна темница, но затоа глетката кон осветлениот Полошки Регион од таа височина беше прекрасна. На Титов Врв го дочекав изгрејсонцето“, вели Мурсели.

    Тука неговата авантура не завршила. Се вратил на Попова Шапка и веднаш тргнал да го освои врвот Кобилица, кој се наоѓа од спротивната страна на Титов Врв.

    „До Кобилица исто така одев сам. Патот водеше преку селото Бродец, каде што и се вратив, па со автомобил дојдов до Старе Село, од каде почна искачувањето на третиот врв, Љуботен. На врвот бев некаде околу 21 часот. Ова е навистина напорна тура, а за мене уште понапорна, бидејќи јас не сум планински маратонец, туку сум алпинист. Сепак, задоволството е големо“.

    Листата на врвови на кои Надир досега се искачил е навистина голема. На Алпите искачил 13 врва високи над 4.000 метри, а бил и на сите алпски врвови во Швајцарија, каде што живеел едно време. Се искачувал и на Хималаите и на врвовите Мекинли и Аконкагва.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира