Прво замина љубовта, па надежта и на крајот вербата и тоа на Крстовден. Ова не е верска поука, туку животната приказна на првата повоена тројка во Велес, сестрите Љуба, Нада и Вера од познатото велешко семејство Слабеви. За да биде уште поинтересна, нивни кум бил тогашниот претседател Јосип Броз Тито. Ја раскажа додека беше жива Вера, која пред неколку дена почина на 73 години.
Иако се родени среде лето, на 20 јули, им ги дале имињата на трите православни маченички Вера, Надеж и Љубов, чиј ден се одбележува на 30 септември.
„Знам дека не крстиле кумовите Пандорка и Ацо, барале сродни, блиски имиња за родителите лесно да не помнат. Горда сум што сме единствената тројка не само во Македонија туку и пошироко на Балканот, три сестри, со такви христијански имиња, а поврзани со овој празник. Можеби е ова пример и за пошироко во христијанството, но не знам“, кажуваше Вера Слабева Јанева.
Според кажувањата на мајка им Ангелина, се родиле дома, во куќа во центарот на Велес и биле мошне ситни, по еден килограм, прооделе дури на три години поради нивната нејакост. Од тие причини пак, таткото Димче уште на шест месеци изнајмил куќа во Охрид каде живееле три години. Иако бил занаетчија, а мајката домаќинка, со нивниот постар брат Лазо имале среќно детство, а живееле во време на купони и оскудица.
Како прва повоена тројка, за кум се водел тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито.
„Иако велешани велат кум ни беше Тито, ние со него се немаме сретнато, видено или слушнато. Најверојатно поради тоа што сме биле тројка која се родила веднаш по завршувањето на војната во 1945, тогашното македонско раководство решило како кум да се води Тито. Во детството сме добивале пакети и подароци, но многу корист во животот подоцна од тоа немавме“, рече Вера.
За првпат сестрите се разделиле во средно училиште, Нада во Хемиско, а Вера и Љуба завршуваат гимназија, по што двете продолжуваат во Скопје на филозофски факултет, група педагогија. Нада се вработува во велешка „Маслодајна“ и нејзиното име се поврзува со производството на далеку познатиот маргарин „кристал“.
„Таа беше на усовршување во Врбас во 1965 година, а по враќањето стекнатото знаење го употреби за создавање на познатиот маргарин коцка ‘кристал’ што го воведе во производство три години подоцна“, рече Вера.
Тие дури во 1981, на средба на тројките од тогашна Југославија во Горњи Милановац, дознале дека не се еднојајчени. За овој раритет, дека ги носат имињата на трите православни маченички Вера, Надеж и Љубов, сестрите Вера, Нада и Љуба дознале пред дваесетина години.
„Работев како педагог во основно училиште и на 30 септември една колешка ми вели, ајде да честиш, денес ви е именден на трите сестри. Тогаш за првпат разбравме . Бевме горди што сме што имаме благословени, библиски имиња, тоа чувство е возвишено“, рече Вера.
По нејзината смрт нејзините блиски посакаа да почива до мајката Ангелина и сестрата Нада, додека Љуба почива во Скопје.
П. ПЕЧКОВ