Сок од овчи очи, мадиња од бик, сирење со црви, американско пиво од корен, ова се само дел од производите кои се сметаат за вкусни во некои култури, а кои се служат во Музејот на гадни јадења во шведскиот град Малме.
Овој привремен музеј, што се отвори во средата, ги предизвикува посетителите да ги пробаат изложените јадења, од кои повеќето можат да се помирисаат или вкусат. Билетите за музејот се во форма на ќеси за повраќање.
Кураторот Семјуел Вест вели дека изложбата има за цел да биде забавна, но и да пренесе важна порака: она што се смета за одбивно или привлечно е научено и може да се промени. Тој се надева дека посетителите ќе бидат охрабрени да пробаат поодржливи прехрамбени продукти, како инсекти или месо произведено во лабораторија.
„Гадењето е една од шесте основни човечки емоции и нејзината основна функција е да ни помогне да избегнуваме храна која може да биде опасна, заразена или отровна. Сепак, таа, исто така, може да биде културолошки научена“, вели Вест.
Во музејот се изложени преку 80 предмети, како пенис од бик, смути од жаби од Перу, вино со глувчиња што се пие во Кина и Кореја, озлогласената шведска ферментирана харинга, делумно развиени фетуси од патка популарни во Филипини или пекорино сирењето со црви од Сардинија. Некои од делициите толку многу мирисаат, што се ставени во стакленки.
Запрашан дали некогаш повраќал додека ја подготвувал изложбата, Вест кажа:
„Секој ден“.
Изложбата ќе биде отворена до 27 јануари.