ТУКА НЕМА КОРОНАВИРУС – ТУРИСТИ БЕЗ МАСКИ ГО ОКУПИРАА ФИЛМСКИОТ МОСТ ВО ЗОВИЌ

    ТУКА НЕМА КОРОНАВИРУС – ТУРИСТИ БЕЗ МАСКИ ГО ОКУПИРАА ФИЛМСКИОТ МОСТ ВО ЗОВИЌДветте километри од патот беа асфалтирани лани и донесоа нов живот за Зовиќ во битолско Мариово, жителите не паметат кога во последните години селото било живо како викендов. (Фото: СДК.МК)

    Ни пандемијата од КОВИД-19, ни мерките за социјална дистанца не ги спречија туристите викендов да го посетат таканаречениот Филмски мост во мариовското село Зовиќ. Откако пред половина година беше доасфалтиран патот за најоддалечените села во Мариово, сѐ повеќе расте бројот на туристи кои доаѓаат да се насладуваат на природните убавини на Градешка Река и на архитектонски убавини на камениот мост.

    Мостот во Зовиќ се  вика Филмски, оти таму се снимени сцени од  „Прашина“ и „Врба“ на Милчо Манчевски. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Зовиќ не паметат кога во последните години селото било живо како викендов. Низ асфалтираната уличка вчера немаше место каде да се паркира возило од навала на туристи. Ретко кој од нив носеше маска за заштита, а околу реката на пикник имаше повеќе семејства и друштва.

    „Тука нема коронавирус! Тука има само здравје! Чиста вода и воздух“, ни рекоа туристите кои го посетија местото, а ги имаше од Битола, Прилеп, Крушево, Скопје и други градови од државата.

    Низ асфалтираната уличка вчера немаше место каде да се паркира возило од навала на туристи. (Фото: СДК.МК)

    При разминување низ карпестиот пат што води до мостот, дел од минувачите се обидуваа да држат оддалеченост од два метра, а и друштвата кои беа поседнати на карпите запазуваа растојание меѓу нив.
    За популарноста на мостот придонесоа филмовите „Прашина“ и „Врба“ на македонски режисер Милчо Манчевски, зашто сцени од нив се снимени токму таму. Поради тоа мостот се нарекува Филмски. Инаку, постоел и во турско време, но бил дрвен, а откако се струшил во 1952 година бил изграден од делкан камен од мајстори од Струшко. Камениот мост заедно со пејсажите на Градешка Река им го одземаат здивот на посетителите.

    Друштвата кои беа поседнати на карпите запазуваа растојание меѓу нив. (Фото: СДК.МК)

    „Пролетва со штрковите се вратија и луѓето во селото. Со патот ни дојдоа и иселените, си ги средуваат старите куќи во викендици. Туристи имаме секој викенд. Некои прашуваат и каде можат да преноќат“, вели Митре Стојановски од Зовиќ.

    Селото е оддалечено на 52 километри од Битола, а бидејќи со години беше оставено отсечено од цивилизацијата, со земјен пат кој тешко се минуваше со автомобил, освен со џип, остана без повеќето свои жители. Дветте километри од патот беа асфалтирани лани и донесоа нов живот за Зовиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари