УБАВИНА ОД КАТАСТРОФА – ДИЗАЈНЕРИ ОД ЦЕЛ СВЕТ СО ПРЕДЛОЗИ ЗА НОВАТА КУЛА НА НОТР ДАМ

    УБАВИНА ОД КАТАСТРОФА – ДИЗАЈНЕРИ ОД ЦЕЛ СВЕТ СО ПРЕДЛОЗИ ЗА НОВАТА КУЛА НА НОТР ДАМФранцускиот дизајнер Матје Леанер предлага да се замени кулата, но не со реплика на тоа што било изградено пред 150 години, туку на тоа што се случувало таму за време на пожарот (Фото: Леанер)

    По пожарот на 15 април во кој изгоре кулата на врвот на катедралата Нотр Дам во Париз, и откако францускиот премиер Едуар Филип објави дека ќе распишат меѓународен конкурс за да се замени, поголем број на дизајнери ги испратија нивните предлози, а интернет-страницата за архитектура и дизајн Дезин состави листа на најинтересните.

    Студио Фуксас

    Италијанските архитекти Масимилијано и Доријана Фуксас, предлагаат да се додаде современ покрив и кула изработена од кристал бакарат, кои ќе бидат осветлени навечер. „Кристален спирален симбол на кревкоста на историјата и духовноста. Светлото е симбол за нематеријалност“, изјавија тие за Дезин.

    Матје Леанер

    Францускиот дизајнер Матје Леанер предлага да се замени кулата, но не со реплика на тоа што било изградено пред 150 години, туку на тоа што се случувало таму за време на пожарот.

    „На провокативен начин, предлагам да се реизгради кулата како што беше, но како што беше на 15 април. Ми се допаѓа идејата на замрзнат историски момент кој може да опстане со векови. Проектот е споменик од вечен пламен покриен со златни лисја. За мене, тоа е начин да се улови катастрофата и да се пренамени во убавина“, вели Леанер.

    Визумателиер

    Предлогот на студиото од Братислава, Визумателиер за кулата е лесна кула, од чиј врв зрак светлина ќе блеска високо нагоре.„Во времето на готиката, градителите сакале да допрат до небото, во 19. век се доближиле до небото. Сега е возможно“, велат од студиото.

    АЈ6 Студио

    Архитектонското студио АЈ6 од Сао Паоло, ја замислува Нотр Дам да добие покрив и кула целосно изработени од витражи. „Во готиката има поврзаност на земјата со небото, и во внатрешноста на катедралата, природното светло се меша со боите од стаклото од витражите“, вели Александре Фантоци, креативен партнер на студиото.

    Александар Неровноја

    Рускиот архитект Александар Неровноја смета дека треба да се искомбинираат целосно стаклен покрив со потрадиционална структура на стакло.

    „Кога луѓето ќе дојдат во катедралата, тие ќе почувствуваат моќна поврзаност со историјата, гледајќи ги старите и модерните делови заедно“, вели Неровноја.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира