Режисерот Слободан Унковски и драматургот Горан Стефановски работат на втор дел од култната ТВ-серија од пред 33 години „Бушава азбука“, потврди продукцијата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Серијата од 1985 година, во продукција на Македонската радио телевизија (МРТ), беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра. Имаше вкупно 31 епизода, со просечно траење од 29 минути, секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.
Стефановски и Унковски работат на структурата на сценариото, а оваа серија, за разлика од „Бушава азбука“ ќе биде ориентирана кон македонскиот јазик и неговата употреба и богатство, и евентуално, кон јазиците на заедниците. Се очекува текстот да биде готов до крајот на годината, а реализацијата да се случи во 2019.
Зад серијата стои „2БА продукција“ од Скопје, а развојот на сценаријата за 31 епизода по 30 минути, како спонзорства ги обезбедиле неколку фирми. Унковски е и продуцент, а креативен продуцент е актерката и шпрофесорка на Факултетот за драмски уметности Синоличка Трпкова-Меллес.
Изминативе години се води правна битка за дигитализирање на серијата за продажба, проблем кој не е решен бидејќи не е решено целосно прашањето за авторските права.
Серијата беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а во неа играше врвна актерска екипа како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.
Б. НЕСТОРОСКА