Уште три лица починаа на Монт Еверест, вкупно седум оваа недела, откако поради голема гужва на патеката кон највисокиот врв на светот, стотици планинари со часови биле принудени да чекаат во редица на смрзнувачки температури.
Американец (54), Индиец (27) и Индијка (52) починале од исцрпеност на симнување од врвот, со што беше надмината бројката на трагични случаи од минатата година.
Рекордна бројка планинари која деновиве тргна да се искачува создаде голема мешаница и застој во близина на врвот, на височина над 8.000 метри, познато како Зона на смртта.
Поради најавата за добро време, Непал издаде 381 дозвола за искачување за оваа пролетна сезона, од кои секоја чини 11.000 долари.
„Починатиот Индиец бил заглавен во гужвата повеќе од 12 часа и бил многу исцрпен“, изјави локалниот организатор на турите Кешав Паудел.
Доналд Кеш Лин од Јута, татко на четири деца, колабирал на врвот додека фотографирал и се верува дека починал од срцев удар, исполнувајќи си го сонот да се искачи на највисоките врвови на сите седум континенти.
Минатата година, рекордни 807 луѓе успеале да се искачат на Монт Еверест.