ВЕЛЕШКАТА СПОМЕН КОСТУРНИЦА ГО ЧУВА НАЈГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ МОЗАИК НА МАЗЕВ

    ВЕЛЕШКАТА СПОМЕН КОСТУРНИЦА ГО ЧУВА НАЈГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ МОЗАИК НА МАЗЕВНајголемиот мозаик во Македонија е на површина од 220 метри квадратни. Делото на Петар Мазев е апстрактен импресионизам, кое ја раскажува петвековната историја на Македонија, од отоманското ропство до повоената обнова (Фото: СДК.МК)

    Најголемиот мозаик во Македонија е тој на Петар Мазев, кој се наоѓа на површина од 220 метри квадратни во Спомен костурницата на паднатите борци  и граѓани во НОБ. Делото на Мазев  е апстрактен импресионизам, кое ја раскажува петвековната историја на Македонија, од отоманското ропство до повоената обнова.

    За ова дело, историчарот на уметноста  проф. Борис Петковски, запишал: „Овој мозаичен комплекс на Мазев во Спомен костурницата во Велес несомнено преставува нов и пресвртен момент во развојот на македонското монументално сликарство“.

    Првата слика е Македонија под отоманско ропство. На неа можат да се видат и деца, кои се жртви на османлиите, злогласниот данок во крв. Како врвен чин на овој период е Илинденското востание. Централен чин на оваа слика е Крушевската република (Фото: СДК.МК)

    Мозаикот е составен од пет слики, кои се вкомпонирани во една приказна.

    „Првата слика е Македонија под отоманско ропство. На неа можат да се видат и деца, кои се жртви на османлиите, злогласниот данок во крв. Како врвен чин  на овој период  е Илинденското востание. Централен чин  на оваа слика е Крушевската република.  Втората слика е Велес и Велешко помеѓу двете Светски војни 1918-1941 година. Тука  има слика од експлозија на бунт, револуција, демонстрации, штрајкови против ненародниот режим и борба  на напредните младинци, комунисти и синдикалисти. Има синџири, симбол на ропство, одведување лица во затвори. Третата слика е фашистичка окупација. Тука највпечатлив детаљ е дете оставено само, оти неговите родители заминале во борба. Има и оштетен шлем, симбол на окупација. Потоа има експлозии, борба за  слобода, партизани, капи со петокраки. Четвртата е централна слика на мозаикот. Тоа е жена  борец со крената тупаница, а до неа дете а кое се радува на враќањето на татка си од војната. Има и многу  цвеќе со кое се даруваат борците. Петатта слика е  повоената изградба. Има рушевини, па има фабрика  во изградба,  балет. Има  и моменти од мирољубивата политика која тогашната држава Југославија ја водела во светот, преку  гулаби во лет.  Овој мозаик на Мазев,  како дело е доста апстрактен. Војната е најголемото зло на човештвото и оваа Спомен  костурница е подигната токму поради тоа, како сведок на една таква војна“, го опишува мозаикот  раководителот на објектот Марин Клифов.

    Петатта слика е повоената изградба. Има рушевини, па има фабрика во изградба, балет (Фото: СДК.МК)

    Мозаикот е  направен од природен и вештачки камен, од венецијанска паста во повеќе бои.  Пензионираниот работник  Еваз Асанов  од Велешкиот музеј е еден од малкумина кој е жив сведок, кој три години работел со Мазев во создавањето на мозаикот. Тој тогаш бил вработен во Народниот музеј во Велес и физички помагал при склопувањето на деловите.  Толку време бил на релација од Велес  до ателјето на Мазев во населба Хром во Ѓорче Петров и назад.

    Во средишниот дел од Спомен костурницата се наоѓа нејзиниот централен симбол, дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ од Нови Сад. Во оваа гробница се и посмртните останки на поетот и револуционер Коста Солев Рацин (Фото: СДК.МК)

    „Постаментите се правеа во ателјето, се создаваше  на парчиња. Го работеа Петар Мазев заедно со колегите и студенти,  кога ќе завршеа со деловите ги товаравме на  ‘тамче’ и сè носевме  на  Костурница, на анкери се прикачуваа. Тој ја надгледуваше работата, создавањето и на монтирањето, физички беше тешка работа. Беше многу педантен, културен човек, се работеше во мирна и тивка атмосфера, без многу зборови и повеќе со знаци со главата ни кажуваше кога и што да  правиме. Шемата му беше постојано в рака. Кога беше готов мозаикот, дојде лично генерал Коста Наѓ да ја види сликата и го отвори објектот. Камчињата од кои е создаден  беа од  Италија, се увезуваа специјално за оваа намена.  Кога  го  заврши  мозаикот, Мазев  застана го погледна и рече дека ова му е  најголемиот успех  во животот“, се сеќава Асанов. Тој вели дека често оди да го  посети,  бидејќи живее во близина, го гледа мозаикот и секогаш му е ново доживување.

    Во средишниот  дел од Спомен костурницата се наоѓа нејзиниот централен симбол, дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ. Тоа е разгрането дрво, кое ја симболизира слободата, наречено е дрвото на новиот живот. Под него како корени на дрвото, во заедничка гробница  се моштите на загинатите партизани,  борци  од Велешко кои загинале во НОБ и ја донеле слободата. Тоа била идејата на авторот. Во оваа гробница се и посмртните останки на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Објектот на Спомен  Костурницата е афионов цвет, кој распукува и навестува раѓање на нов ден, ново утро, навестува слобода.  Нејзини автори се  вајарот Љубомир Денковиќ и архитектот Саво Суботин, и двајцата од од Нови Сад, Војводина. Тие на конкурсот за идејно решение на Спомен костурницата, помеѓу бројните трудови, победиле под шифра „Бели мугри“.  Градена е во периодот 1976-79, а отворена е на 11 Октомври, 1979.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира