Велика Британија планира да воведе доживотна затворска казна за возачите, кои под дејство на алкохол или дрога ќе предизвикаат сообраќајна несреќа со смртни последици.
Според предложените законски измени, максималната казна за предизвикување смрт поради брзо возење, тркање на патиштата или користење мобилен телефон ќе се зголеми од 14 години на доживотен затвор, со што ваквите случаи ќе се израмнат со убиство.
Ова ќе важи и за сообраќајките, во коишто возачите биле под дејство на алкохол или дрога.
Владата ќе воведе и нова квалификација, предизвикување тешка повреда поради неодговорно возење, но сѐ уште се размислува дали и за тоа да се применува најстрогата казна.
Владата спроведе јавна анкета дали овие казни треба да бидат построги и 90% од испитаниците се изјасниле дека има потреба од тоа, при што 70% сметаат дека предизвикување смрт со опасно возење треба да се казнува со доживотен затвор.
„Земајќи ги предвид сериозноста на најтешките случаи, гневот на семејствата и максималните казни за други сериозни дела, како убиство, имаме намера да воведеме доживотна затворска казна за оние кои одземаат животи, возејќи под дејство на алкохол и дрога“, изјави министерот за правда, Доминик Раб.
Во 2016 година, 157 луѓе биле осудени поради предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици.