Битолскиот велосипедист Јовче Даскаловски од клубот „Екстрим бајк тим Битола“ на Државниот шампионат во спуст во Грција успеа да победи во дисциплината сингл краун. Тоа е екстремно спуштање по планинска патека со велосипед кој има поразличен амортизер на предното тркало. Натпреварот се одржа во Костур, а битолчанецот стана шампион во конкуренција од 50 професионални велосипедисти, претежно грчки бидејќи беше национален куп, но се дозволи и слободно учество на други натпреварувачи.
„Возевме по патека која е една од најдобрите и најкомплетните на Балканот, со преку 20 солидни скокови, некои од нив преку 15 метри далечина со три метри висина, скокови кои бараат голема умешност и искуство. Висинската разлика од стартот до целта беше 200 метри, а должината на патеката 2,1 километри“, вели Даскаловски.
Од нашата земја учествуваа само четворица натпреварувачи, сите од битолскиот клуб и тоа: Јовче Даскаловски, Мартин Цветановски, Александар Фидановски и Виктор Јовановски. Покрај успехот на Даскаловски, на четврто место се пласира и Цветановски. Велат дека биле пречекани како големи пријатели без никакви провокации или зaбелешки со оглед на политичката ситуација.
„Нашите односи со велосипедистите и организиратори на натпреварот се за пофалба и без замерки. Велосипедисти од Грција беа дел од нашиот натпревар што се одржа на 1 и 2 јуни годинава на Пелистер. На тој начин ние градиме пријателство што е наша цел како клуб со што е можно повеќе клубови од различни држави. Организаторите во повеќе наврати ни се заблагодарија јавно пред публиката за нашето учество што нас премногу нѐ изненади. Ние како тим гладиме и стимулираме свест за различност“, вели Даскаловски.
Тој годинава слави единаесет години откако го купил првиот планински велосипед. Вели дека возењето низ планинските терени за него е живот. Прекумерниот адреналин искомбиниран со висока контрола на нешто нескротливо, доведува до тоа овој спорт да создава тешка зависност. Мора редовно да се тренира, а условите во Битола за спуст се отежнати.
„За редовни тренинзи потребно е да работи жичницата или ски-лифтот, а во Битола работат само во зимска сезона. Без нив не може во никој случај. Тоа е основата на спустот како спорт. И покрај отежнатите услови за тренинг, горди сме што нашиот тим на сите натпревари низ Балканот бележи резултати. Тоа е таа наша мајсторија – скромни бајкери од Битола со малку услови за напредни тренинзи, но со висока почит кон спортот и усвитена страст ко велосипедизмот. Тоа нѐ мотивира , нѐ движи напред, нѐ прави поконкурентни“, вели битолскиот шампион.
Ж. ЗДРАВКОВСКА