Раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика вечерва во 19 часот ќе ја објави песната „Само да те имам“, која ја сними со Владо Јаневски пред девет години. Јаневски почина по кусо боледување на 65 години на 28 јуни годинава, а денеска ќе наполнеше 66 години. Слаткар не успеал да ја објави песната додека Јаневски беше жив, иако тој во неколку наврати го потсетувал на нивната соработка.
„Песната е многу стара. Мислам дека ја снимивме во 2017 или во 2018 година, а јас таа форма ја имав две години пред тоа, значи речиси десет години е стара. Ја измиксавме и мене не ми се допаѓаше. Му се јавив на Владо и му реков да се обиде уште еднаш да ја испее. Ми рече: ‘Не, тоа што е испеано е испеано, џабе ќе дојдам пак да пеам, добро е’. И јас постојано одложував“, ни рече Слаткаристика.
Во меѓувреме, Слаткар му ја понудил на Јаневски и песната „Океани“, која првично била замислена како нивна соработка, а тој потоа ја сними со дуото „Некст тајм“.
„Кога му ја пративме ‘Океани’, тој не сакаше ни да ја чуе. Ми кажа: ‘Не ми праќај песни, јас и ти имаме песна, извади ја, ајде, јас мислев ќе ја чујам некаде на радио’. Тој беше по стариот начин, на радио. Потоа, јас лево, тој десно, секој по свое и не стигнавме повторно да седнеме. Еднаш седнавме на ручек, па од ручекот влеговме во вечера. Требаше и заедно да одиме во Австралија, но не се реализираше тоа“, додава Слаткаристика.
Последен пат го видел Јаневски во февруари годинава, на „Златна бубамара на популарноста“, кога пејачот повторно го прашал кога ќе излезе нивната песна.
„Последен пат го видов со Калиопи. Ние се подготвувавме да излеземе на сцената на ‘Златна бубамара’ и се видовме на скалите. И тогаш ми кажа: ‘Ајде, песната кога ќе излезе?’. Не успеав да ја извадам додека беше жив. Но, сега имам убав повод, неговиот роденден. Чекав да ми кажат, да проверат во изводот од матично во колку часот точно е роден, сакам да ја објавам песната во истиот час. Ми рекоа дека е роден во 19 часот“, вели Маринковиќ.
На финалната верзија на песната работел со продуцентот Лазар Цветкоски. Ликот на Владо Јаневски во видеоспотот го игра актерот Антонио Ташковски.
„Антонио Ташковски одлично ја одигра улогата. Дури по малку и личи на Владо“, вели раперот.

На 30 јуни, стотици обожаватели, колеги и пријатели на Јаневски се собраа на платото пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје за да му оддадат почит. (Фото: К. Попов)
Вечерта пред погребот на Јаневски, на 30 јуни, стотици обожаватели, колеги и пријатели се собраа на платото пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје за да му оддадат почит. Меѓу нив беше и Слаткаристика. Со запалени свеќи ги пееја неговите хитови, а со светилките од мобилните телефони направија ѕвездено небо додека ја пееја „Некогаш и негде“.

Слаткаристика со колегите Пајак и Огнен Здравковски на вечерта посветена на Владо Јаневски на 30 јуни во Скопје (Фото: К. Попов)
Пред неколку недели Слаткаристика јавно вети дека ќе ја доврши нивната заедничка песна и ќе ја објави на неговиот роденден.
Јаневски беше роден на 27 ноември 1960 во Скопје. Издаде шест студиски албуми, а во 1998 беше првиот македонски претставник на Евровизија, со песната „Не зори зоро“. Со пет концерти во Филхармонијата на крајот од 2023 и почетокот на 2024 прослави 30 години кариера. Две години по ред го наполни Античкиот театар во Охрид.
М. ЏАРОВСКА



