ВЛАСТИТЕ ДОЗВОЛИЈА ДА СЕ УРНЕ СКОПСКИ САЕМ, УНИШТИЈА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКАТА АРХИТЕКТУРА ЗА ТРГОВСКИ ЦЕНТАР, ВЕЛИ АРХИТЕКТОТ МИШКО РАЛЕВ

    ВЛАСТИТЕ ДОЗВОЛИЈА ДА СЕ УРНЕ СКОПСКИ САЕМ, УНИШТИЈА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКАТА АРХИТЕКТУРА ЗА ТРГОВСКИ ЦЕНТАР, ВЕЛИ АРХИТЕКТОТ МИШКО РАЛЕВГи поништија сите вредности на Скопје претворајќи ги „модерните“ објекти во карикатурални кулиси на циркусот наречен „Скопје 2014“, вели Ралев. (Фото: К. Попов)

    По две години темелна реконструкција, легендарниот белградски конгресен комплекс „Сава центар“, е целосно реновиран, но задржани се препознатливите елементи, не само однадвор, туку и во внатрешноста. Архитектот Мишко Ралев за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека гестот на новиот сопственик на „Сава центар“ во Белград, компанијата „Делта Холдинг“, отскокнува од стереотипноста на регионалните одлуки од ваков вид на кои сме биле и уште сме сведоци.

    Споредено со  белградскиот пример, Ралев, кој е и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), вели дека жали што повеќе познати скопски објекти или не се во функција или се целосно уништени, како на пример Скопскиот саем, кој беше срушен за на негово место да се изгради трговски центар.

    „Идејата на сопствениците на ‘Сава Центар’ не било да го претворат објектот во брз профит туку нешто да му остават на општеството, а тоа е континуитетот на една култура, на некогашното значење на објектот и секако институцијата во која се проткаени многу историски настани од секое поле, култура, уметност, политика, забава. А за тоа не стојат само изјавите на челниците на ‘Делта холдинг’ туку и фактите. Тие досега во реновирањето на ‘Сава Центар’ вложиле околу 120 милиони евра, при што економската логика и финансиските анализи покажуваат дека инвестицијата би можела да почне да се враќа дури после дваесет години. Така што, очигледно дека станува збор за ‘повисоки цели’ на овој инвестициско-градежен потфат. Од друга страна, односно од аспект на архитектурата, исто така е значајно да се каже дека реновирањето е во насока на враќање на стариот изглед, односно архитектонски израз и јазик, секако со имплементирање на современи материјали и технологии“, вели Ралев.

    Тој ја поддржува изјавата на директорката на „Делта Недвижнини“ која вели: „Она што нашиот голем архитект Стојан Максимовиќ го замислил и реализирал  ќе остане сочувано и ќе остане за во иднина“.

    „Камо да го кажеше некој истото за нашите архитекти Муличковски, Брезовски, Димитров, Гелевски, Мицевски, Константинов, Несторова-Томиќ,  кога им ги унаказија делата со субверзивниот ‘Проект Скопје 2014’, или беа урнати од други причини“, вели Ралев.

    Тој потсетува дека Скопје веќе нема саем.

    Не е за оправдување што Скопски саем, еден од симболите на градот, е разрушен за да биде подигнат трговски центар, вели архитектот Ралев. (Архивска фотографија)

    „Скопски саем, еден од симболите на градот, е разрушен за да биде подигнат трговски центар. Навистина, потег кој не беше со ништо оправдан. Да зборуваме од економска гледна точка е нејасно, Саемот генерира приходи во повеќе индустрии, привлекува гости со што се пополнуваат хотелските капацитети. Дел од гостите се и експерти од поедини струки и носат знаење преку работилници, симпозиуми, конференции. Саемот не е само стопанска институција, во просторот на саемот се одржуваа и разни културно-забавни програми од домашен, но и меѓународен значај. И на крај да го споменеме и неговото архитектонско и инженерско значење, кое е во неповрат загубено. Значи, делот од историјата на развојот на македонската архитектура, урбанизам и градежништво е засекогаш загубено, уништено“, вели архитектот Ралев.

    Во март 2018, преставници на архитектонската фела, членови на семејствата на проектантите на Саемскиот комплекс поддржани од повеќе организации и компании, испратија отворено писмо по повод уривањето на Скопскиот саем, бисер на македонската модерна кое требаше да започне започне есента таа година. Во писмото насловено „И Саем е Скопје“ пратено од група граѓани до тогашниот премиер Зоран Заев, градоначалниците на Скопје и на Општина Гази Баба Петре Шилегов и Борис Георгиевски, и до бизнисменот Арсим Папранику, тие потсетија дека Саемот е непобитен дел од историјата на македонската архитектура и македонското стопанство. Со исчезнувањето на Скопскиот саем, рекоа тие, ќе исчезне уште една трага на модерното Скопје, кое во чекор ги следеше светските архитектонски текови.

    Во писмото е наведено дека Саемот е изграден во 1972 година, како дело на четворица врвни домашни архитекти Димитар Димитров, Живко Гелевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ, на површина од 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 се затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во оригинална целина. Почетоците на функционирањето на Скопскиот саем се поврзани со многу значаен настан за историјата и културата на Скопје, а тоа е одржувањето на Светската шаховска олимпијата, манифестација од највисоко светско ниво, прва (а и последна) од тој вид организирана во градот. Граѓаните потсетуваа дека Скопски саем беше дом на исклучителни фестивали, концерти на Боб Дилан, на „Крафтверк“, „Молоко“, на Симон Трпчески, Тоше Проески, средиште на бројни манифестации: Саемот за мебел, Саем на книгата, Инфоком, Балканска туристичка берза, Саем на градежништво, Модна недела, Вински фестивал. Но, апелите од граѓаните беа залудни и Скопски саем беше срушен.

    „Ист случај на уништување е и со стоковната куќа ‘Беко’, објект преку кој не само што започна еден нов начин на трговија, туку и неговите архитектонски вредности се издвојуваа по својата уникатност и артикулирано говореа за нивната актуелност како на домашен така и на меѓународен план. Не помалку трагична е и судбината на оние објекти што останаа, но на кои им се изврши садо-мазохистичка интервенција на промена на ликот како на криминалци по кои трагаат сите полиции на светот“, вели Ралев и додава дека таков пример на промена на ликот е „Стоковната куќа Скопје“ која е дело на професорот Славко Брезовски, или оригинално НА-МА.

    Овој објект за Ралев не е само архитектонски туку и урбан потег.

    „Тој е прагматичен по неколку линии: однос кон постоен објект -‘Метропол’, објектот на Милан Злоковиќ, кој е професор на Славко Брезоски додека овој студирал во Белград, местото – централен градски плоштад, формата на локацијата и секако етичкиот дел – како да се однесува кон својот учител, кој претставувал несомнен авторитет во  едукацијата, но и во професионалната пракса. Зашто, и Злоковиќ со својот скопски проект се надоврзува на концептите на свои претходници: рускиот конструктивистички архитект Иља Голосов и италијанскиот архитект Ѓузепе Терањи“, вели Ралев.

    „Но, оние што обожаваат сѐ и не ценат ништо, вулгарно ги поништија сите овие вредности претворајќи го овој, но и други ‘модерни’ објекти во карикатурални кулиси на циркусот наречен ‘Скопје 2014’. Овој е најдрастичен пример, но и неговиот објект ‘Комерцијална банка’ иако не е унаказен сепак е ставен во втор ред и омаловажен  со поставување на објектот на Археолошкиот музеј во не само неприродна туку и незаконска близина. Извонредниот артистички потег со кој се карактеризира формата на овој објект неможно е веќе да се регистрира. Тоа ниту Брезовски, ниту ние не сме го заслужиле“, кажа Ралев.

    Во озлогласениот проект „Скопје 2014“, за кој владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши 700 милиони евра, најмногу настрадаа оригиналната зграда на Владата, изградена во 1970, по проект на архитектот Петар Муличковски, како и зградата на ЕВН, едни од најзначајните објекти на модерната архитектура од 1960-тите и 1970-тите години.

    Во 2011, без согласност на Муличковски, владата на Груевски ја смени фасадата на владината зграда во барок за што потроши 22 милиони евра.

    Зградата на ЕВН во строгиот центар на Скопје е изградена 1962, а автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ. Фасадата ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никуљски кон крајот на 1970-тите години, а втор пат фасадата е реконструирана во 2000 кога е додадено стаклото и е полиран мермерот. Уништувањето на зградата на ЕВН почна во 2013. На барање на тогашниот премиер Груевски, за да се вклопи „Скопје 2014“, австриската компанија ЕВН почна со отстранување на модернистичката стаклената фасада за да прави барок од стиропор од 4,3 милиони евра. Проектот не успеа да се реализира во целост и беше стопирано обвивањето во барок со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017. Но, само тоа и беше направено, а зградата зјае без фасада и нема најави за обнова. Оваа зграда сега ја користи државната компанија ЕСМ.

    Телекомуникацискиот центар на архитектот Јанко Константинов,  во чиј состав е и Шалтер салата на Македонска пошта, е едно од најзначајните архитектонско-урбанистички целини реализирани во постземјотресна обнова на Скопје. Шалтер салата изгоре во голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени. Овој објект влезе на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за 2021, но ништо не е прземено за обнова.

    Според Ралев, објектот на Шалтер салата на Македонска пошта е трет случај на запоставување на бисерите на нашата модерна архитектура. Тој изгоре во пожар за кој никој ниту одговараше ниту пак се бараа кривците, додава архитектот. Но, најстрашно за него е е што со години стои така уништен и сведочи за нашата неодговорност и нецивилизираност.

    „Модерната архитектура на послеземјотресно Скопје е таа универзална вредност по која сме препознаети во светските архитектонски и културни кругови и покрај нашата бројчана или монетарна инфериорност.  Затоа, овој случај со ‘Сава Центар’ треба да го разбереме не само како прагматичен и парадигматичен пример како треба да се однесуваме со материјалното наследство со уникатни формални и суштински вредности,  туку и како да ги зачуваме за да сведочат за нашето постоење на генерациите што доаѓаат“, вели Мишко Ралев.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира