СЕМЕЈСТВАТА НА ПРОЕКТАНТИТЕ НА СКОПСКИ САЕМ БАРААТ ОД ЗАЕВ И ШИЛЕГОВ ДА НЕ ГО РУШАТ

    СЕМЕЈСТВАТА НА ПРОЕКТАНТИТЕ НА СКОПСКИ САЕМ БАРААТ ОД ЗАЕВ И ШИЛЕГОВ ДА НЕ ГО РУШАТАрхитектите велат дека веќе половина година во затворени кругови дебатираат и се обидуваат да создаат стратегија како да го заштитат единствениот Саемски комплекс во земјава и да го спречат натамошното исчезнување на примерите на расната архитектонска практика на постземјотресно Скопје

    Преставници на архитектонската фела, членови на семејствата на проектантите на Саемскиот комплекс поддржани од повеќе организации и компании, испратија отворено писмо по повод уривањето на Скопскиот саем, бисер на македонската модерна, кое треба да започне за неколку месеци. Компанијата „Скопје ист гејт“ лани во октомври најави дека од есента 2018 на местото на халите на Скопски саем ќе се гради трговски центар, како дел од поголем комплекс на станбени и деловни згради на површина од 155.000 метри квадратни. Мнозински акционер на оваа компанија е фирмата „Балфин груп“, која го изгради трговскиот центар Скопје сити мол.

    Во писмото насловено „И Саем е Скопје“ пратено од група граѓани до премиерот Зоран Заев, градоначалниците на Скопје и на Општина Гази Баба Петре Шилегов и Борис Герогиевски, и до бизнисменот Арсим Папранику, тие потсетуваат дека Саемот е непобитен дел од историјата на македонската архитектура и македонското стопанство,. Со исчезнувањето на Скопскиот саем, велат тие, ќе исчезне уште една трага на модерното Скопје, кое во чекор ги следеше светските архитектонски текови.

    Во писмото е наведено дека Саемот е изграден во 1972 година, како дело на четворица врвни домашни архитекти Димитар Димитров, Живко Гелевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ, на површина од 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 се затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во оригинална целина. Почетоците на функционирањето на Скопскиот саем се поврзани со многу значаен настан за историјата и културата на Скопје, а тоа е одржувањето на Светската шаховска олимпијата, манифестација од највисоко светско ниво, прва (а и последна) од тој вид организирана во градот.

    Граѓаните потсетуваат дека Скопски саем беше дом на исклучителни фестивали, концерти на Боб Дилан, на „Крафтверк“, „Молоко“, на Симон Трпчески, Тоше Проески, средиште на бројни манифестации: Саемот за мебел, Саем на книгата, Инфоком, Балканска туристичка берза, Саем на градежништво, Модна недела, Вински фестивал.

    „Тука можеше да се сретне и Горан Стефановски, надвор од својата фела, со мене, со тебе, во непосредни разговори за културата, за секојдневието, за сите нас. Денес на овој објект му е пресудена егзекуција без притоа да се прашаат граѓаните и стручната јавност. Ние, децата на проектантите, едноставно не можеме да се помириме со фактот дека културното, историското, професионалното, па и емотивното, како дел од творештвото на нашите татковци, може за секунда да се претвори во прашина и да се заборави. Нашите татковци, Димитар Димитров и Живко Гелевски, можеби тивки, молчаливи, но преполни со оригинални идеи и решенија, тие двајца кои не се двоеја, неразделно заеднички молчеа, заеднички работеа, тивко решаваа во договор и најголемо почитување и другарство, професионално и човечки, кое денес ретко го гледаме околу нас. Зошто токму овој објект, со толкаво значење и вткаени траги од знаењето и создавањето на нашите претходници, да се урне за да се изгради уште еден трговски центар и деловно станбени згради во Скопје?“, велатмеѓу другото во отвореното писмо и додаваат:

    „Ќе го нема она Скопје кое нам лично ни значи нешто. Повеќето објекти кои ни значат, повеќето простори кои, какви и да биле, сме ги сакале и сакаме да ги паметиме. Тие се дел од колективната меморија. Затоа дозволете ни, ние граѓаните да бидеме вклучени во донесувањето на вашата конечна одлука. Просторот на Саемот е ваш. Објектите се ваши. Но, дозволете ни нашите сеќавања да останат поврзани со таа форма. Не рушете го! Задржете ја уникатната флуктуирачка и повеќенаменска моќ на просторот. Начинот на кој се планира Саемот да изчезне од градот ѝ штети на иднината и државата, на неговиот специфичен архитектонски идентитет, идентитет кој исчезнува. ‘Животот е краток, Скопје е вечно’ – Гане Тодоровски“.

    Вкупната инвестиција се проценува на 300 милиони евра. „Балфин груп“ лани го откупи имотот на банкротираниот Скопски саем од банките доверители за 21 милион евра.

    Сопственик на парцелата на Скопски саем изминатото лето стана бугарската фирма „Кардфинанс“ ДООЕЛ, купувајќи го од НЛБ и од Комерцијална банка. Банките го презедоа Скопски саем поради неплатени долгови на претходниот сопственик, словенечката компанија ЕРА. На локацијата во 2008 беа направени првите чекори за изградба на гигантскиот комплекс „ЕРА сити“, но откако беше ископана огромна дупка до хотелот „Континентал“, градежните работи сопреа.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, лани изјави дека Владата нема право ниту позиција да се меша во имтоно-правните односи меѓу приватни компании.

    „Компанијата својот имот го заложила во банките и при тоа земала некакви кредити, кои што не можела ажурно да ги сервисира. Банките за да ги заштитат своите интереси и да ги заштитат депозитите на граѓаните, од кои се финансирале тие зделки, во извршна постапка имотот го продале. Владата нема никаков капацитет, ниту право, ниту позиција од која што може да се меша во таквите односи меѓу правните субјекти во Македонија и банките“, рече Анѓушев изминатиот октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира