ВО БУНДЕСТАГОТ НАУЧИВ ДЕКА ПРАТЕНИЦИТЕ ГО СЛУШААТ НАРОДОТ И НЕ РАБОТАТ САМО ЗА СЕБЕ, ВЕЛИ 28-ГОДИШНИОТ СКОПЈАНЕЦ МЕГЛЕН АНДРЕЕВСКИ, ГЕРМАНСКИ СТИПЕНДИСТ

Меглен Андреевски бил дел од програмата ИПС, преку која секоја година Бундестагот заедно со трите Берлински универзитети на млади луѓе им дава прилика да се запознаат со процесот на политичкото одлучување и да стекнат практични искуства во областа на парламентарното работење. Во тек е пријавувањето за следната година преку Германската амбасада во Скопје.

    ВО БУНДЕСТАГОТ НАУЧИВ ДЕКА ПРАТЕНИЦИТЕ ГО СЛУШААТ НАРОДОТ И НЕ РАБОТАТ САМО ЗА СЕБЕ, ВЕЛИ 28-ГОДИШНИОТ СКОПЈАНЕЦ МЕГЛЕН АНДРЕЕВСКИ, ГЕРМАНСКИ СТИПЕНДИСТМеглен Андреевски три месеци бил на пракса во канцеларијата на пратеничката Кордула Шулц-Аше од партијата на Зелените. „Никако не можев да поверувам дека еден пратеник може да биде толку скромен и блиску до народот“, вели тој. (Фото: Бундестаг )

    Дваесет и осумгодишниот скопјанец, магистер по политички науки, Меглен Андреевски девет години е во Германија, моментално во Ерланген, и веќе 9 месеци работи како консултант/советник за раководење со проекти за една мала компанија од Штутгарт. Меглен потекнува од уметничко семејство, син е на реномираниот сликар Сергеј Андреевски, и внук на великаните на македонската книжевност Петре М. Андреевски и Светлана Христова-Јоциќ. И неговата сестра Воскресија е уметница и графичка дизајнерка, а неговата мајка Ирена е одговорна за меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“.

    Со Меглен поразговаравме за неговиот пат до Германија, за студиите и за искуството во германскиот Бундестаг со меѓународната парламентарна стипендија, преку програмата ИПС, за средбата со канцеларката Ангела Меркел и за праксата во канцеларијата на пратеничката Кордула Шулц-Аше од партијата на Зелените.

    Секоја година Бундестагот заедно со трите Берлински универзитети на млади луѓе им дава прилика да се запознаат со процесот на политичкото одлучување и да стекнат практични искуства во областа на парламентарното работење. Програмата ИПС трае пет месеци. Суштината на програмата е 15-неделна пракса кај еден пратеник на Бундестагот.

    Од Германската амбасада во Скопје ги повикуваат сите дипломирани младинци со добро познавање на германскиот јазик да конкурираат за оваа стипендија, која ќе се реализира од 1 март до 31 јули 2021. Рокот за пријавување завршува на 31 јули 2020, а апликациите треба да се достават исклучиво по електронски пат до Амбасадата на СР Германија: [email protected] Поопширни информации може да се најдат на: www.bundestag.de/ips

    Меркел во Бундестагот случајно ја сретнал неколку пати за време на стипендијата. Средбата за фотографија со сите стипендисти било дел од програмата. Ги собрале сите стипендисти на скалите од предниот влез на Рајхстагот. (Фото: Приватна архива)

    Андреевски вели дека уште од раното детство имал контакт со уметници од целиот свет. Покрај тоа, вели, преку патувањата на татко му Сергеј, на најразлични уметнички колонии низ светот, ја имал можноста да посети многу странски држави релативно рано во животот. Уште тогаш научил дека најдобриот учител во животот е искуството, а особено е важно искуството во странство.

    Кон средина на средното образование во гимназијата СУГС „Георги Димитров“ во Скопје решил да студира во странство.

    „Во тоа време на гости ни беше германската сликарка Герлинде Пистернер, која ми понуди мојата прва година во Германија да живеам со неа и нејзиното семејство, доколку би решил да студирам во Германија. Истата година за првпат ја посетив Германија и универзитетот ‘Фридрих-Александер’ којшто е поделен меѓу градовите Нирнберг и Ерланген. Две години подоцна и само 2 дена по матурските испити се преселив во Нирнберг. Единствениот германски збор што го знаев во тоа време беше ‘капутт’. Осум месеци подоцна го положив тестот ‘ДАФ’ на Гете Институтот со највисоката оценка и се запишав на Универзитетот во програмата за двојна диплома – Политички науки и историја. Корумпираноста и необразованието на нашата политика од секогаш ме мачеше, па мојата цел беше да ги искористам знаењата стекнати во странство во татковината за да помогнам во создавањето на подобра иднина и повеќе политички перспективи за младите генерации. Осум години подоцна, во февруари 2019 година, ги завршив магистерските студии за политички науки на истиот универзитет“, вели Меглен.

    Меглен вели дека уште од раното детство имал контакт со уметници од целиот свет. Покрај тоа, вели, преку патувањата на татко му Сергеј, на најразлични уметнички колонии низ светот, ја имал можноста да посети многу странски држави релативно рано во животот. (Фото: Приватна архива)

    За време на пролетта 2018, кога бил на претпоследниот семестар на магистерските студии, размислувал за тоа што може да направи по дипломирањето и кои професионални можности најмногу го интересираат. „Така се случи преку веб-страницата на Германската амбасада во Скопје да дознаам за меѓународниот парламентарен грант од германскиот Бундестаг. Бидејќи сакав да стекнам практично искуство во областа на парламентарната политики и поради добриот впечаток од едно кратко стажирање во германскиот Бундестаг во 2015, аплицирав уште истиот ден“, вели тој.

    ИПС е насочен кон млади таленти кои се посветени на основните демократски вредности во нивните матични земји. И иако живее во Германија од 2011 како студент, паралелно бил активно вклучен во зајакнувањето на политичкото образование во Македонија низ „Арт Поинт – Гумно“.

    Во септември му јавиле дека ја поминал првата селекција и дека конечната одлука е донесена за време на изборното интервју во декември од страна на комисија испратена од германскиот Бундестаг. Разговорот со петчлената комисија траел околу 30 минути и поставените прашања, вели тој, биле многу интересни и предизвикувачки. Неколку дена подоцна ја добил радосната вест дека е избран како стипендист.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров присуствувал на дебатите во Комитетот за Европски прашања при Бундестагот. – Димитров и Андреевски во Бундестагот. (Фото: Приватна архива)

    „Во Бундестагот бевме 6 месеци, од кои три месеци секој од нас беше практикант во канцеларијата на еден различен германски парламентарец. Од првиот ден во Берлин, нашите животи беа полни со акција и секој ден носеше со себе незаборавни моменти. На темата би можел да зборувам со денови. Од она што ми остави впечаток, меѓудругото спаѓаат пријателствата со прекрасни стипендисти од целиот свет и новите знаења што го носи со себе, различните семинари и обуки организирани од ГИЗ, политичките Фондации, како и парламентарните фракции, студиските патувања во Бон, Хамбург и во изборната единица на пратеничката со која што работев, каде што можевме да ги запознаеме најразновидните аспекти на Германија, средбата со канцеларката Ангела Меркел, дебатите во Комитетот за Европски прашања при Бундестагот, каде што на посета беше министерот за надворешни работи Никола Димитров, ИПС-вечерта, каде што на германските пратеници и политичари им приредивме една забавна вечер со музика, храна и хумор. И за крај, незаборавните три месеци пракса во канцеларијата на пратеничката Кордула Шулц-Аше од партијата на Зелените. Никако не можев да поверувам дека еден пратеник може да биде толку скромен и блиску до народот. Кордула и нејзиниот тим ми станаа еден вид на семејство за време на тие три месеци и ми доверуваа разни задачи во политичкото секојдневие без двоумење“, кажа Меглен.

    Меркел во Бундестагот случајно ја сретнал неколку пати за време на стипендијата. Средбата за фотографија со сите стипендисти било дел од програмата. Ги собрале сите стипендисти на скалите од предниот влез на Рајхстагот. Уште два саати пред да пристигне канцеларката, дошол нејзиниот личен фотограф и ги местел сите да влезат во кадар. Меркел доцнела околу 30 минути.

    „Се сеќавам дека се наежив кога излезе од лимузината и ми се доближи – таквите личности имаат некоја чудна, моќна аура околу нив. Таа се насмевна и ни рече: ‘Секогаш доцнам, типично германско нели?’ Потоа нѐ праша како ни е досегашниот престој во Берлин и ни посака успех во иднината. Разговорот беше толку срдечен што и таа зборуваше со нас како да зборува со комшиите. Сето тоа траеше помалку од неколку минути и фотографот имаше само еден обид. Едно кратко ‘чкрап’ и Меркел продолжи на други средби“, ни рече Андреевски.

    На нашето прашање што научи во германскиот Бундестаг, вели дека дознал дека со вистинската демократија може исто така да се прави разлика помеѓу партиите и фракциите, помеѓу владата и државните институции, дека парламентарците можат да бидат „’обични ‘луѓе кои го слушаат народот и не ја вршат дејноста само за сопствени цели, дека повеќето луѓе не знаат ни приближно доволно за нивните солуѓе на оваа планета, колку што би требало да знаат, а сепак се брзи да ги судат другите, дека без прифаќање на историјата не може да има иднина меѓу соседните земји. И дека сè може да се постигне преку дијалог“.

    „Културните мостови што ќе ги изградите во Берлин ќе ве придружуваат цел живот и имаат моќ да менуваат цели нации и генерации на подобро“, вели Андреевски. (Фото: Приватна архива)

    Во Берлин научил дека „политичар“ не е професија, туку дека еден вистински политичар мора да може да ги поткрепи своите ставови со вистинско искуство и успех во работниот свет.

    „Во тој поглед мојата политичка кариера во моментов е во фаза на мирување и чекам подобри времиња за ре-активација. Мислам дека Балканот е спремен за промена, но фали клучното ‘шкорче’“, додава тој, а до младите апелира: „ ИПС програмата е повеќе од една програма. Тоа е еден утописки живот кој трае шест месеци и ќе ви го промени животот на толку начини, за кои што не би ни верувале дека се возможни. Културните мостови што ќе ги изградите во Берлин ќе ве придружуваат цел живот и имаат моќ да менуваат цели нации и генерации на подобро! Апелирам кон младите кои ја имаат можноста да аплицираат да не се двоумат“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари