Поранешниот амбасадор на Франција во Македонија Кристијан Тимоние е внук на францускиот сликар Алмери Лобел-Риш (1880-1950), кој е брат на баба му, и кој како сликар направил извонредни литографии од луѓето, обичаите и пределите од Егејскиот дел на Македонија додека бил војник на Македонскиот фрон во Првата светска војна.
„Сликарот и графичар Алмери Лобел-Риш е роден во 1880 во Женева, Швајцарија од родители од француско потекло. Ги започнал своите ликовни студии на Академијата на ликовни уметности во Монпелје и ги продолжил во Париз, под водство на Бонат. Успехот му доаѓа многу брзо кога ги објавува цртежите на магазинот ‘Ле Рире’ во 1895. Неговите слики од сензуални и елегантни девојки и жени стануваат познати и барани. Илустрирал неколку книги од познати автори, како на пример, Оскар Вајлд, Шарл Бодлер, Пјер Лујс, Валери, и други. Лобел-Риш изложувал во Париз, Лондон и Швајцарија“, вели за овој уметник Влатко Милошевски во неговиот Лексикон на странски сликари во Македонија помеѓу 1850-1950 година.
Сепак, она по што Алмери Лобел-Риш е значаен за Македонија е неговото учество во Првата светска војна каде, како француски војник и дел од Алијансата, престојувал на Македонскиот фронт и од каде направил повеќе уметнички дела.
„За време на Првата светска војна, Алмери Лобел-Риш како француски војник во периодот 1915-1918 престојувал во Егејска Македонија. Бил стациониран во Солун од каде имал можност да посети голем број места во Егејска Македонија. Тие посети тој ги искористил за да го илустрира дневниот живот на луѓето, обичаите, пределите и архитектурата во Солун, и селата Востаран и Борешница (близу Лерин)“, пишува Милошевски.
Од овие посети Лобел-Риш изработува масла на панел, акварели и цртежи, а најимпозантно дело е една папка со 12 литографии од голем формат насловена „Македонија 1915-1917“. Лобел-Риш на овие литографии документира спектакуларно убави сцени од секојдневниот живот на Македонците од овие предели на кои можат да се видат жени како ткаат, предат, печат леб, носат вода во стомни, мајки со деца, свадбени обичаи, турски свирачи на зурли.
Издадени се само 30 примероци од оваа папка, во која овие 12 литографии се испечатени во две различни техники и на две различни хартии. Секоја литографија е рачно потпишана. Секоја литографија има една централна тема, но во левиот и десниот агол има дополнителни детали кои ја надградуваат главната приказна од литографијата.
„Сликарот Лобел-Риш бил популарен кај париската елита и овие македонски слики биле популарни кај богаташите. Благодарение на уметноста на Лобел-Риш, француските политичари и индустријалци се запознале со Македонија и нејзините обичаи. Во мојата колекција имам една комплетна папка со сите литографии, што е вистинско чудо, затоа што најчесто француските уметнички дилери ги продаваат литографиите одделно, една по една, за поголем профит“, додава Влатко Милошевски.
Во Лексиконот на странски сликари во Македонија помеѓу 1850-1950 година чиј автор е Влатко Милошевски, има уште биографии и репродукции на уметнички слики од над 250 странски сликари кои во тој период престојувале во Македонија и направиле уметнички слики за луѓето, настаните и нејзините предели.
З. АНДОНОВ