ВО ОХРИДСКО ВЕЛЕСТОВО МЕЃУ ХАЦИЕНДИТЕ ЌЕ СЕ ОДГЛЕДУВААТ ИНТЕЛИГЕНТНИ МАГАРИЊА

    ВО ОХРИДСКО ВЕЛЕСТОВО МЕЃУ ХАЦИЕНДИТЕ ЌЕ СЕ ОДГЛЕДУВААТ ИНТЕЛИГЕНТНИ МАГАРИЊАМагарињата своевремено биле главно средство за превоз на странски туристи од Охрид до Велестово (Фото: СДК.МК)

    Охридското село Велестово, сместено во подножјето на Галичица, пред четири децении беше познато по тоа што странците, особено Холанѓаните, до него доаѓаа од Охрид качени на магариња. Наскоро, Велестово ќе стане репроцентар за одгледување интелигентни магариња. Робeрт Шиникоски, жител на Велестово, дојде на идеја токму на падините на Галичица да отвори репро-центар на магариња за цел Балкан.

    „Идејата потекна од мене. Но, веднаш се соочив со голем проблем. Во Македонија речиси да немаше место од кадешто можат да се набават магариња. Некој ми рече дека имало во Источна Македонија. Бев во Кочани и Штип. Таму ги најдов и купив девет, од кои осум се магарици. Сега шест од нив се веќе оплодени. Магарица раѓа едно магаренце во текот на 12 месеци. Тоа е долг период, кога треба посебен однос кон животното”, вели Шиникоски.

    Тој вели дека не му е целта да ги врати странските туристи на планинските патеки.

    Роберт Шиникоски сака да го претвори Велестово во најголем репро-центар за магариња на Балканот (Фото: СДК.МК)

    „Овие магариња нема да се користат за превоз на туристи. Со нив, од Охрид до Велестово најмногу доаѓаа Холанѓани. Има многу слики од тие патешествија во старите туристички публикации. Сакам ова село да стане главен репроцентар за магариња на Балканот, бидејќи, колку што знам, таков нема”.

    Откако добро го запознал однесувањето на магарињата, тој побива една навреда, всадена во нашиот народ.

    „Магарињата не се такви какви што се прикажуваат во нашите преданија, дека служат само за носење товар и дека се меѓу најглупавите домашни животни. Одгледуваќи ги, сфатив дека се интелигентни. Не треба многу за да разберат што сакате од нив, кога ги носите да пасат или да одат во штала. Ги научија сите патеки во селото. Ги учам да не уништуваат посеви во дворовите на велестовчани и тие така се однесуваат”.

    Качувањата со магариња до Велестово во тие години биле и главен материјал за промоција на Охрид, кој негува посебен вид туризам. Во осумдесеттите години од минатиот век, Велестово нагло се измени. Селаните се преселуваа во Охрид, а охриѓани почнаа да купуваат плацови во селото, и тоа ефтино, за десетина германски марки за метар квадратен. Денес, тоа е современа урбана населба, со убави и скапи вили, кои ги изградија наши познати политичари, бизнисмени и спортисти.

    Тука викендичка имаат професорот Ѓорѓи Спасов, професорката Слаѓана Тасева, Нано Ружин и многу други јавни личности. Има и викендици кои личат на хациенди на повратници од странство, на луѓе кои работеле во Германија, Данска и други европски земји. Познат бизнисмен има купено и простор за изградба на голем угостителски комплекс.

    Деновиве, охридското село повторно се најде во центар на внимание на нашата јавност. Здружението на граѓани „ЗГ-Буша“ утре ќе организира работилница на тема „Начини на одгледување и карактеристики на домашното магаре”. Презентација ќе имаат професорот д-р Ѓоко Бунески од Факултетот за земјоделски науки и храна и м-р Зоран Салтамарски, проектен координатор.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира