ВО СЕЛО ГОПЕШ, БИТОЛСКО СЕ ТАНЦУВАЛО КВАДРИЛ ПРЕД ЕДЕН ВЕК

    ВО СЕЛО ГОПЕШ, БИТОЛСКО СЕ ТАНЦУВАЛО КВАДРИЛ ПРЕД ЕДЕН ВЕККвадрилот во ГопеШ, каде живеело влашко население,го пренесле богатите трговски патници кои за да набават стока патувале во развиените европски земји, а од танцот до денес е зачувана оваа фотографија (Фото: СДК.МК)

    Гопешанецот Тодор Паѓанаки пред повеќе од еден век го предводел танцот квадрил, препознатлива забавна игра во тоа време за селото Гопеш во Битолско што личело на град. Танцот наликувал на оној што денес го играат матурантите, но си имал свои одлики. Во селото каде живеело влашко население, кое се наоѓало во шумовитата падина на Бигла Планина на 28 километри оддалеченост од Битола, го пренесле богатите трговски патници кои за да набават стока патувале во развиените европски земји. Од танцот до денес е зачувана фотографија.

    Првите велосипеди во Битолско ги имало во Гопеш (Фото: СДК.МК)

    „Прадедо ми Тодор бил трговски патник, кој на почетокот од 20 век патувал дури до Америка.  Бил полиглот, зборувал, пишувал повеќе од седум јазици. Ученоста била одлика на жителите во селото, кое од 1800 година доживеало голем подем до Втората светска војна. Тогаш гопешани имале посебна игра наречена квадрил, а прадедо ми ја играл најдобро. Тој давал команди кога жените да се вртат, а кога мажите“, вели Елена Мирчевска, потомок на семејството Паѓанаки и член на здружението „Гопеш хуара“ (Село Гопеш).

    Мандолинскот оркестар на Гопеш во кој имало и жени (Фото: СДК.МК)

    Иако било село, зачуваните стари фотографии на семејства од Гопеш сведочат за  типичниот градски живот кој таму се одвивал на крајот од 19 и почетокот на 20 век. Ова село наместо каливи селски улици, имало калдрма, а струја добило уште пред Битола. Имено, за време на Првата светска војна таму се стационирал Шабот на германската дивизија. Германците инсталирале генератор и го осветлиле селото уште во 1914, кога градот користел свеќи и газија.

    „Во селото се обрнувало големо внимание на изгледот. Карактеристично е што мажите без паларија не излегувале од дома, а жените без ракавици. Во селото имало  мандолински оркестар. Првите велосипеди во Битолско биле донесени тука. Имало фотоателјеа, а биле направени и првите обиди за фотомонтажа во овој крај. На фотографија биле претставени гопешани како патуваат со авион.  Жителите од селото на зима се скијале со скии. Имало неколку училишта“, додава Мирчевска.

    Елена Мирчевска, потомок на семејството Паѓанаки и член на здружението „Гопеш хуара“ (Село Гопеш) (Фото: СДК.МК)

    Во Гопеш живееле учени, но и богати луѓе. Во 1930-те бил донесен првиот автомобил „форд“ во Битолско. Фотографијата е зачувана во холот од црквата „Свето Преображение“ во селото. Возолото му припаѓало на семејството Ќурчиеви, а сопственикот возилото од Америка до дома го носел шест месеци.

    Во тоа време ова угледно место броело 5.000 жители и имало 900 куќи. По Втората светска војна, иселеничкиот бран го оставил без жители. Денес се полни само за викенди и празници.

    Селото може да се пофали и со монументалната црква „Свето Преображение“ изградена 1871, која се вбројува меѓу петте најголеми христијански храмови во Македонија. Црквата располагаше со стари вредни икони, дело на тајфата на Дичо Зограф,од кои педесетина беа украдени пред четири години и до денес не се пронајдени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира