Се шетате низ Вацлавске Намести, најголемиот плоштад во Прага, и погледот ви го одземаат безбројните продавници и ресторани неслутејќи дека камените тротоари врз кои одите како и околните улички се направени од надгробни плочи од еврејски гробишта. Улицата На Поричи, кнајголемата пешачка улица во центарот на Прага, дневно ја поминуваат повеќе десетици илјади пражани и туристи од целиот свет.
Во средината на 1980-тите години, оваа улица секојдневно ја поминувал и директорот на прашкиот Еврејски музеј Лео Павлат. Тогаш Вацлавскиот Плоштад се реновирал пред посетата на претседателот на СССР Михаил Горбачов . Лео видел дека некои од извадените улични коцки имаат еврејски букви. Се наведнал и во истиот момент се шокирал. Зел две коцки. На едната имало еврејско писмо, а на другата била изрезбана годината 1895. Од тој момент, еврејската заедница се обидела неколкупати да го покрене прашањето пред чехословачките власти, но безуспешно.
„Разговаравме за тоа со неколку министри за внатрешни работи и градоначалници на Прага. Тие имаа разбирање, но работите станаа комплицирани на пониско ниво, кога државните службеници покренаа различни пречки од техничка и организациона природа“, вели Томаж Краус, секретар на Чешката федерација на еврејски заедници. „Во тоа време, за комунистичкиот режим инсталиран од СССР Евреите беа главниот непријател“, вели Краус. „Властите сакаа да се ослободат од сѐ што е еврејско“, изјави тој за АФП.
Краус ја препишува оваа омраза, делумно на неуспешниот сон на советскиот диктатор Јосиф Сталин да го види модерниот Израел трансформиран во регионален остров на комунизмот и сојузник на Советскиот Сојуз по независноста во 1948.
Конечно, во 2020 дојде ред да се реконструира и оној дел од Вацлавскиот Плоштад каде претходно Лео ги земал двете коцки уште во 1980-тите години. При реконструкцијата се извадени повеќе од 7 тони камени коцки, за кои се утврдило дека се направени од надгробни плочи. Со одлука на Градот Прага, овие камења ѝ беа дадени на Еврејската заедница.
Еден дел од нив денес се наоѓаат на старите еврејски гробишта во населбата Жижков во Прага. Познатите чешки уметници Јарослав и Луцие Рона веќе почнаа од нив да градат споменик под името „Враќање на камењата“. Еден дел од споменикот ќе биде хоризонтална леќа направена од околу 200 камени коцки на кои се гледат надгробните натписи. Околу леќата ќе бидат изградени зидови во форма на сончеви зраци од камења на кои нема натписи.
Споменикот е замислен да може да се надоградува со камени коцки во случај да се откриваат нови делови од улици кои се направени од надгробни плочи. Се претпоставува дека и две прашки улици кои водат до Вацлавскиот Плоштад исто така се изградени од надгробни плочи.
„Нашето семејство е делумно еврејско, и проектот ‘Враќање на камењата’ го враќа достоинството на еврејските жители на Чехословачка. Тоj е дел од обновувањето на националната историска меморија по долг период на тоталитаризам. Концептот се заснова на идејата од некои древни урнатини на храм. Ние дизајниравме хоризонтална леќа изработена од исечени камења за поплочување, што го симболизира божественото око и девет ѕидови кои личат на зраци кои го опкружуваат објективот. Првиот ѕид е свртен кон Ерусалим, симболичниот центар на еврејската духовност. Бројот девет во нумерологијата го симболизира соединувањето на духовниот и материјалниот свет. Се претпоставува дека споменикот континуирано ќе се проширува со новопронајдени поплочени камења, па тоа е еден вид отворен недовршен систем“, велат уметниците Јарослав и Луцие Ронa за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Првиот дел од споменикот беше официјално откриен на 7 септември годинава, еврејска Нова година но и ден за сеќавање кога Евреите си спомнуваат за сопствената историја и оддаваат почит на сопствениот народ.
Според медиумите, се верува дека еден дел од овие камени коцки потекнуваат од уништените еврејски гробишта од селото Удлице во Северна Бохемија. Според „Еврејско наследство Европа“ (Jewish Heritage Europe), во Чешка има околу 300 еврејски гробишта кои сведочат за повеќе од 150 еврејски заедници кои биле уништени за време на Втората светска војна и холокаустот. Сепак, нивното уништување не престанало ниту за време на комунизмот, кога препродажбата на камените плочи била аминувана од високи претставници на власта и чехословачката тајна служба. Праксата која ја започнале нацистите сега ја продолжиле комунистите. Така, дел од овие надгробни плочи завршиле како камени коцки на Вацлавскиот Плоштад.
Меморијалниот споменик чини околу 750.000 чешки круни (над 30.000 евра) и за нивно обезбедување Еврејската заедница во Прага покрена краудфандинг кампања чија цел беше да се соберат 150.000 круни (над 6.000 евра). Оваа сума беше собрана за само 2 дена.
В. ДЕКОВ