Полицијата на Феникс, Аризона, отвори истрага откако се породи жена која 14 години лежи во кома во локалната болница. Неименуваната жртва родила здраво машко бебе на 29 декември и полицијата почна да го испитува случајот по анонимна дојава од болницата.
„Никој од вработените не бил свесен дека таа е трудна сè до самото породување. Од она што го слушнав, таа почнала да стенка и никој не знаел што е проблемот“, изјави еден од вработените, чиј идентитет не беше откриен.
Од болницата „Хасиенда“ кажаа дека спроведуваат внатрешна истрага и дека внимателно се грижат за пациентката. Таа е сместена во оваа установа повеќе од десет години, откако речиси се удавила, по што паднала во кома.
„Една од медицинските сестри ја породила жената. Бебето е живо и здраво“, кажа извор од болницата.
Оттаму велат дека е чудо што немало компликации при породувањето, бидејќи жена во вегетативна состојба не може да влијае врз процесот.