ЖЕНЕВА ЈА ЗГОЛЕМУВА МИНИМАЛНАТА МЕСЕЧНА ПЛАТА НА 3.800 ЕВРА ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА

    ЖЕНЕВА ЈА ЗГОЛЕМУВА МИНИМАЛНАТА МЕСЕЧНА ПЛАТА НА 3.800 ЕВРА ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТАКоронакризата ги зголеми редиците пред банките за храна во Женева (Фото: Гети)

    Женева ќе ја зголеми минималната плата на 3.800 евра, за која се вели дека е најголема на светот, откако мерката беше одобрена од локалните гласачи како реакција на извештаите дека се зголемува сиромаштијата во градот поради пандемијата на коронавирусот. Гласачите од кантонот, кој има 500.000 жители, го поддржаа покачувањето предложено од локалните синдикати и од левичарските партии.

    Минималната плата на час ќе порасне на 21 евро, што е над двојно повеќе во споредба со соседната Франција и ќе гарантира минимални месечни примања од 4.086 швајцарски франци (3.800 евра), засновано на 41-часовна работна недела. Ова, пак, ќе значи годишна плата од 49.000 франци (45.420 евра) во еден од најскапите градови за живот на светот.

    Женева, чија економија доста зависи од туризмот и бизнис посетителите, е тешко погодена од коронакризата, при што се зголемија редиците пред банките за храна.

    „Коронакризата покажа дека одредени делови од швајцарското население не можат да живеат во Женева. На овој начин, градот се солидаризира со своите сиромашни жители. Од оваа мерка придобивки ќе имаат 30.000 ниско платени работници, од кои две третини се жени“, вели Мишел Шарат од независна организација која ги поддржува оние кои живеат и работат преку француско-швајцарската граница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира