ЖЕНИТЕ НИ ВО РЕАЛНОСТА, НИ ОНЛАЈН НЕМААТ ЗАСЛУЖЕНО ПРИЗНАНИЕ, РЕЧЕ ШВЕДСКИОТ АМБАСАДОР НА УРЕДУВАЧКИОТ МАРАТОН „ВИКИГАП“

    ЖЕНИТЕ НИ ВО РЕАЛНОСТА, НИ ОНЛАЈН НЕМААТ ЗАСЛУЖЕНО ПРИЗНАНИЕ, РЕЧЕ ШВЕДСКИОТ АМБАСАДОР НА УРЕДУВАЧКИОТ МАРАТОН „ВИКИГАП“„Само 20 отсто од содржините на Википедија се за жени, 80 оттсо се за мажи“, рече шведскиот амбасадор во Македонија, Матс Стафансон на настанот на кој волонтерите пишуваа статии за жени од Македонија кои направиле значајна промена во различни полиња на општественото живеење (Фото: К. Попов)

    Повеќе од педесет волонтери вчера во Јавна соба учествуваа на „WikiGap edit-a-thon Skopje“ , уредувачки маратон за збогатување на Википедија на македонски јазик со статии за познати жени од Македонија.

    Станува збор за настан на глобалната шведска иницијатива ВикиГап (WikiGap) со цел надминување на родовиот јаз, кој постои на Википедија и општо на онлајн просторот.

    Од нејзиното создавање во 2001 година има околу 47 милиони статии на 299 јазици, а македонското јазично издание има околу 94.700 статии.

    Настанот го организираа Шведската амбасада во Скопје, здружението Споделено знаење, канцеларијата на телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) во Скопје, како и други партнери од невладиниот сектор од областа на граѓанскиот и женскиот активизам, независни експерти и академската сфера.

    Шведскиот амбасадор Матс Стафансон рече оваа иницијатива потекнува од Министерството за надворешни работи на Шведска, и дека нивната моментална надворешна политика е насочена кон трите големи Р : rights, representation, resources или права, претставување и ресурси.

    Во 50 земји, околу 1.600 учесници напишале повеќе од 3.000 нови текстови за жени. – Од уредувачкиот маратон ВикиГап во Скопје (Фото: К. Попов)

    „Денес ќе се фокусираме на зголемено претставување на жените. Навистина, жените се пласирани на сите полиња под вредностите, и не е е изненадување дека се под границата и на Интернет.
    Иако жените се интегрален дел од општеството, не го добиваат заслуженото признание Ова е вистина во Македонија, во Шведска, секаде.

    Еден од најголемите извори на информации е Википедија, најголема онлајн енкцикопедија креирана од корисниците. Но, како и во реалноста, и на Википедија постои голем дисбаланс меѓу мажите и жените. Деведесет отсто од оние кои објавуваат содржини се мажи. Само 20 отсто од содржините се за жени, 80 се за мажи.

    Во различни земји има разни Википедии, но како и да гледаме, сликата е јасна, информацијата за жената е многу помалку експонирана отколку за мажите, без разлика на тоа на кој јазик е Википедијата“, рече амбасадорот.

    Токму затоа, продолжи тој, Министерството за надворешни работи на Шведска ја креираше ВикиГап, за луѓето низ светот да додадат повеќе содржини за жени на Википедија, експерти во сите полиња.

    На настанот во Јавна соба, волонтерите пишуваа статии на тема „Познати жени од Македонија“, за жени од Македонија кои направиле значајна промена во различни полиња на општественото живеење (уметност, наука, бизнис, борки за женски, социјални, општествени права), особено за жени за кои не може да се најдат лесно податоци.

    Период кој беше во фокус е од втората половина на 19 век, до првата половина на 20 век, но беше оставена и поширока временска рамка за современичките.

    На Меѓународниот ден на жената, 8 Март, Министерството и шведските амбасади низ светот организирале симултани настани во 50 земји, што досега резултирало со повеќе од 3.000 нови текстови за жени на повеќе од 30 јазици.

    „Ние одлучивме да не го организираме македонскиот настан на 8 Март, туку друг ден, за да порачаме дека не е само 8 Март ден на жената’, кажа Стафансон.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира