10 МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА СЛУЖБЕНИЧКАТА КОЈА ПРИЗНА ДЕКА ПРИМИЛА ПОТКУП ЗА МАНИПУЛАЦИЈА СО ПАРИ ОД ЕУ ЗА ПОДДРШКА НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

    10 МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА СЛУЖБЕНИЧКАТА КОЈА ПРИЗНА ДЕКА ПРИМИЛА ПОТКУП ЗА МАНИПУЛАЦИЈА СО ПАРИ ОД ЕУ ЗА ПОДДРШКА НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТОСлужбеничката е дел од поголема мрежа во која е вклучен поранешниот директор на Агенцијата за поддршка на земјоделието фатен со 50.000 евра во гаражата на зградата во која од опозицијата тврдат дека живее министерот за земјоделство (Фото: СДК.МК)

    Во судскиот процес за корупција со ИПАРД-средствата, поддршка од ЕУ, наменети за земјоделците, обвинетата службеничка Јасмина Костадинова, која призна дека примила поткуп од 2.000 евра за манипулација со ранг-листата за финансиски средства, доби затворска казна од 10 месеци. Во казната ѝ се пресметува и мерката куќен притвор од ноември лани, што значи дека во затвор треба да биде само три месеци.

    Мерката притвор ќе ѝ биде продолжена до правосилност на пресудата, што значи дека Костадинова ќелија нема да види. Досега таа седум месеци е во куќен притвор.

    За ова дело пропишаната казна е од една до 10 години затвор. Пресудата ја доби за „примање награда за противзаконито влијание“.

    Првообвинет за давање поткуп во овој случај е Џевдет Насуфи, ексминистер и директор на фирмата „Сигнас-Арго“. Покрај него, обвинет за примање мито е и Илија Стоилев, поранешен директор на Агенцијата за финансиска поддршка.

    Стоилов беше фатен со 50.000 евра мито, во гаражата на зградата во која од опозицијата тврдат дека живее министерот за земјоделство Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Обвинителството потенцираше дека овој случај имал директни последици врз односите со европските инсритуции во Брисел. Европската комисија привремено ги стопираше средствата од 2,9 милиони евра поради овој скандал и тие пари дури сега се ослободени.

    Насуфи е обвинет за Давање поткуп и за кривичното дело Давање награда за противзаконито влијание, три лица за Примање награда за противзаконито влијание, а на едно лице (Илија Стоилов) му се става на товар кривичното дело Примање поткуп.

    Првообвинетиот како управител на кривично одговорното правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење на финансиски средства преку ИПАРД-програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.

    Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да ги искористат своите реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена.

    „Во текот на истражната постапка, Обвинителството утврди и кривична одговорност кај уште четворица државни службеници вработени во Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој на РСМ, против кои јавниот обвинител поднесе Обвинителен предлог за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека на кривично одговорното правно лице на товар му се става кривичното дело Давање поткуп. Обвинетите, постапувајќи спротивно на своите службени обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие при обработка и контрола на документацијата извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле Образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и Решението за одобрување на финансиска поддршка“, тврди Обвинителството.

    Второобвинетиот во Обвинителниот акт, иако бил свесен дека правното лице не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.

    Судењето на останатите во овој коруптивен случај продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира