100 ФАНТОМИ ОД ПУСТЕЦ ГРУПИРАНИ ВО ТРИ ГРУПИ НЕ ГИ НАЈДОВ НА ПРИЈАВЕНИТЕ ТРИ АДРЕСИ ВО 2012, НО ГИ ВИДОВ ПОТОА ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК, СВЕДОЧИ ПОЛИЦАЕЦ ВО „ТИТАНИК“

    100 ФАНТОМИ ОД ПУСТЕЦ ГРУПИРАНИ ВО ТРИ ГРУПИ НЕ ГИ НАЈДОВ НА ПРИЈАВЕНИТЕ ТРИ АДРЕСИ ВО 2012, НО ГИ ВИДОВ ПОТОА ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК, СВЕДОЧИ ПОЛИЦАЕЦ ВО „ТИТАНИК“„Секојдневно во полициската станица доаѓаа на сликање 50-60 непознати лица кои не беа од нашето подрачје. Рекоа тука сме со нашите пасоши да се сликаме за лични карти по наредба на нашиот градоначалник Едмонд Темелко“, сведочеше полицаец од Ресен. - Едмонд Темелко пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Големиот случај „Титаник“ за злосторничко здружување на чело со избеганиот Никола Груевски за изборни измами, денеска продолжи со сведочење на полицаецот Агрон Кранлиевски вработен во ПС Ресен.

    Прашан од обвинителката Лиле Стефанова дали во периодот од 2012 до 2013 година вршел проверка на документите на лица кои бараат живеалишта за лични карти, полицаецот рече:

    „Во 2012 година ми дадоа на проверка документи на 100 луѓе на три адреси. Од командирите добивавме барања да извршиме проверки на адресите наведени во барањата. 45 барања имав да извршам на адресата кај Љупчо Попгошев, дали имаат извод, договор за закуп или имотен лист на куќа и потоа одевме на теренска проверка. Кај Љупчо немаше никој од тие 45 лица. Кај Сандре Темелковски имаше 25 до 30 луѓе, кои исто така, во првиот обид не беа најдени ниту еден. И на третата адреса, во куќа во Ресен на улица ’Борис Кидрич‘, каде имаше пријавено 25 лица, не најдов никое од нив. И во другите два обида, истите лица, од трите адреси, не беа пронајдени. По извесен период во увид на Избирачкиот список, видов дека 78 луѓе се внесени, а јас имав напишано негативно за нив, дека во 3 обиди ниедно од тие лица не беше најдено на тие адреси“.

    Тој го опиша начинот како пред локалните избори во 2013 година била изведена оваа операција:

    „Секојдневно во полициската станица доаѓаа на сликање 50-60 непознати лица кои не беа од нашето подрачје. Од командирот Милорад Ѓорѓиевски добивме наредба да ги тргнеме на паркингот, да не прават гужва за останатите странки. Одбија да излезат. Рекоа тука сме со нашите пасоши да се сликаме за лични карти по наредба на нашиот градоначалник Едмонд Темелко“, одговараше сведокот во судницата во Основниот суд Скопје 1.

    На прашање дали некоја друга година имало присутни лица кои не се од Ресен, а доаѓале да се сликаат за лични документи, тој кажа дека во 2011 година имало такви случаи, но беа за патни исправи, а ние за патни исправи не вршиме проверки“, одговори сведокот полицаец.

    На вкрстено прашање од обвинетиот Илија Димовски, сведокот потврди дека овие граѓани од Албанија претходно имале македонски патни исправи и со нив дошле да бараат жителства за лични карти, 100 луѓе на само 3 адреси во Ресен.

    Во случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира