100 ИЛЈАДИ МЛАДИ ЛИЦА ОД 16 ДО 29 ГОДИНИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИ ЗА ПРИБОР, СТУДИРАЊЕ ИЛИ СМЕСТУВАЊЕ И ЗА УЧЕЊЕ ДИГИТАЛНИ ВЕШТИНИ, КАЖА АДЕМИ

    100 ИЛЈАДИ МЛАДИ ЛИЦА ОД 16 ДО 29 ГОДИНИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИ ЗА ПРИБОР, СТУДИРАЊЕ ИЛИ СМЕСТУВАЊЕ И ЗА УЧЕЊЕ ДИГИТАЛНИ ВЕШТИНИ, КАЖА АДЕМИВладата усвоила три уредби на Министерството за образование за поддршка на куповната моќ на младите лица од 16 до 29 години, а ќе бидат опфатени околу 100 илјади корисници. (Фото: К. Попов)

    Средношколците над 16 години и студентите од државните факултети ќе добијат по 3 илјади и по 6 илјади денари помош од Министерството за образование и наука (МОН). Министерот за образование Арбер Адеми на денешната прес-конференција кажа дека Владата усвоила три уредби на Министерството за поддршка на куповната моќ на младите лица од 16 до 29 години, а ќе бидат опфатени околу 100 илјади корисници.

    Средношколецот кој е постар од 16 години на денот на стапување во сила на уредбата, и чие семејно домаќинство остварило приход по сите основи не повисок од просечната нето плата во земјава, ќе добие 3.000 денари за купување на училишен прибор, како на пример прибор за боење, и спортска опрема за предметот спорт и спортски активности. Учениците ќе треба да се пријават на www.digitaliziajse.mon.gov.mk во рок од десет дена на активирање на платформата. Уверение за државјанство и потврда за семејството МОН ќе обезбеди по службен пат преку Управата за јавни приходи, а парите ќе бидат префрлени на домашна платежна картичка. Доколку не ја поседува семејството, ќе му биде издадена дополнително. Парите ќе се исплатат најдоцна до 15 септември, а треба да се потрошат до 15 октомври. Ако не се потрошат, автоматски ќе бидат повлечени во буџетот на Министерството.

    Втората уредба се однесува на студенти од семејства со ниски примања, за покривање на партиципација за студирање или за сместување во државен дом, приватен дом кој има склучено договор со МОН, или пак има договор за закуп преку нотар. Тие ќе добијат до 6 илјади денари, услов е да биде запишан на прв циклус од студиите и да е член на домаќинство каде доходот не е поголем од просечната нето плата. Тие исто така треба да се пријават на наведената платформа, во период од 1 до 10 октомври.

    Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ја најави третата мерка, која се однесува на доделување на ваучери на млади лица за изучување на дигитални вештини, и ги повика младите да се пријават на повикот на МОН, преку националната платформа за е-услуги. Ваучерите до 30 илјади денари за млади до 29 години, се однесуваат за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за едукација на дигитални вештини.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира