Министерката за одбрана Славјанка Петровска по консултација со Генералштабот на АРМ, вели дека Армијата е подготвена да испрати 100 војници за помош во справувањето со катастрофалните поплави во Словенија.
Уште првиот ден од катастрофата во Словенија, Петровска стапила во контакт со словенечкиот колега Марјан Шарец, понудувајќи помош за справувањето со поплавите.
„Денеска е пристигнато конкретно барање за помош, на кое ќе се одговори позитивно и припадници на Армијата на Република Северна Македонија со соодветна помош во опрема ќе бидат упатени во Словенија во справувањето со поплавите“, велат од Министерството за одбрана.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, пак, ја конкретизираше бројката на војниците, а кажа и дека ќе биде испратена и опрема во погодената земја.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб вчера изјави дека штетите од невремето и поплавите кои уследија ќе бидат поголеми од 500 милиони евра, но додаде дека земјата располага со еден од најдобрите системи за заштита во Европа, а добро функционира и системот на цивилна заштита.
Поројните дождови во Словенија почнаа во четвртокот, а веќе следниот ден беше поплавен голем дел од земјата. Досега има шест жртви, а најголема штета има на патната и на енергетската инфраструктура, но оштетени се и бројни станбени објекти.
С. К. ДЕЛЕВСКА