Единаесетгодишниот Илче од Охрид, кој беше оставен од родителите, по десетина дена лекување на Клиниката за детски болести денеска замина во мал групен дом. За Илче, кој има церебрална парализа и е со здравствени и психички нарушувања, се грижеа тим психолози, дефектолози и медицински сестри.
„Илче со плеснување на рачињата и едно големо браво се збогува со тимот лекари кои се грижеа за него. Здрав и расположен си заминува во мал групен дом. Неговата состојба кога беше хоспитализиран беше тешка, а денеска со надеж дека Илче ќе има шанса за подобар живот, го испраќаме седнат, расположен за игра и насмеан да влезе во новото семејство“, велат од Клиниката за детски болести.
Илче пред еден месец и половина првин беше напуштен од таткото, а пред две недели и од мајката. Таткото е во добра здравствена состојба, но мајката има здравствени проблеми. По пишувањата во медиумите, детето по налог на министерот за здравство Венко Филипче беше пренесен со возило на Брза помош на лекување во Скопје.
А. АНТЕВСКА