Единаесет обвинители ќе работат на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, во која загинаа 59 лица, од кои 6 малолетни, а околу 200 беа повредени. Јавниот обвинител Љупчо Коцевски утрово на координативен состанок со тимот јавни обвинители кои постапуваат во истрагата, одлучи тимот да биде проширен на 11 обвинители поради обемноста на случајот.
„Првичните планови на истрагата упатуваат на обемни активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, но и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области. Јавниот обвинител Коцевски побара од назначените обвинители ефикасна и темелна истрага која во детали ќе го испита секој аспект и правец на одговорност за трагедијата во Кочани. Во текот на денешниот ден обвинителите во Кочани преземаат дејствија за обезбедување докази“, соопштија од Обвинителството.
Oсновниот суд Кочани одреди мерка 30 дена притвор за сите 24 лица за кои Основното јавно обвинителство бараше изрекување на мерката во рамки на истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Меѓу 24-те лица на кои им е одреден притвор се и тројца градоначалници на Кочани. Станува збор за градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички, три правни лица и против седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани.