Од струен удар загина 14-годишно девојче на железничка станица во Општина Илинден, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје кое заедно со увидни екипи на МВР и обдуцент од Институтот за судска медицина изврши увид на лице место.
„Првичните информации упатуваат на тоа дека несреќата се случила кога девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони, при што во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон. Со двете малолетни лица – сведоци на настанот е извршен разговор, местото е фотографирано и се работи на испитување на сите околности кои довеле до трагичниот настан“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото девојче.
Ова е втора ваква несреќа за три месеци, откако лани во ноември на железничката станица во скопско Маџари од струен удар беше повредена 17-годишна девојка која се качила на вагон.