Девојчето на возраст меѓу 14 и 15 години, кое со воспитно-поправни мерки судот го прати во затворот во Идризово каде 9 месеци беше заклучено по 22 часа, денеска е префрлено во Воспитно-поправниот дом (ВПД) „Тетово“ во Волковија. Тоа е единственото девојче во Македонија кое во моментов има изречено воспитно-поправни мерки (што не е затворска казна), па затоа во „Тетово“ доби цела зграда само за неа.
Од јануари годинава, тоа мораше да седи заклучено по 22 часа на ден во женскиот дел кај возрасните осуденички во Идризово, за да не дојде во контакт со нив. Во „Тетово“ немаше услови за девојчиња, односно немаше ограда со која физички и визуелно би се одделиле девојчиња со воспитни мерки од 20-ината момчиња кои се згрижени таму и се со исти судски одлуки како нејзината.
Девојчето наскоро ќе почне и со настава, која според законот треба да биде сосема одделена од таа на момчињата-штитеници во Домот.
Судот кој му ја изрекол воспитно-поправната мерка на девојчето, го пратил на издржување во затворот „Идризово“, бидејќи нема каде.
На 4 септември, САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека Народниот правобранител штом дознал, по сопствена иницијатива отворил предмет за детето кое не е ни осуденичка, а од јануари 2025 седеше само во затворот „Идризово“ во близина на осуденичките за тешки кривични дела. Советничката Васка Бајрамовска-Мустафа, која го води одделот кај Народниот правобранител за правата на децата, вели дека е задоволна што конечно девојчето е оттргнато од затворот „Идризово“ и што ќе ги има сите услови за престој и ресоцијализација во „Тетово“.
Таа реагираше дека во „Идризово“ ова дете немаше никакви услови за престој, работа и ресоцијализација на деца. Таа го посетуваше девојчето, му носеше книги, бидејќи ѝ кажала дека многу сака да чита. Бајрамовска-Мустафа беше и во полупразниот дом во Волковија, каде што има услови за издржување на воспитно-поправни мерки, има нови училници и спални, за да види што е проблемот што уште не се отвора таму делот за девојчиња и малолетнички. Таа доби ветување и таму за првпат се изгради ограда која отсега ќе ги дели момчињата од девојчињата.
Затворските службеници постојано на најмалиот свој жител во затворот „Идризово“ му овозможуваа контакт со родителите, но толку можеа да сторат околу ресоцијализацијата на девојчето, бидејќи таа установа не е за деца.
„Детето не си ги знаеше своите права. Со преведувач ѝ кажавме дека прво мора да си ја прифати грешката поради која судот ѝ ја изрекол воспитната мерка и во иднина да гледа да не ја повтори. Натаму, кога ќе излезе на слобода, што да бара од државата, што од Народниот правобранител, што од родителите. Ѝ кажавме дека има убаво место, цел објект само за неа во нова зграда, воспитно-поправен дом кој не е затвор и оти веднаш ќе одиме да ја убрзаме постапката за нејзино префрлување од ‘Идризово’ во тој дом, каде ќе биде и физички и визуелно одделена од нејзините врсници таму. Девојчето се развесели и ни рече супер, побрзо работете да ме префрлат таму“, кажа тогаш Бајрамовска-Мустафа.
Кога влегло денеска во Домот во Волковија, девојчето многу се израдувало за тоа каде дошло, ни рекоа од институцијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА