15 ГОДИНИ НИТУ ЕДНА ВЛАСТ НЕ УСПЕА ДА ГО ВОВЕДЕ БРОЈОТ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ 112, СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ ВЕЛИ ЌЕ ПРОРАБОТИ ВО ЈУНИ

    15 ГОДИНИ НИТУ ЕДНА ВЛАСТ НЕ УСПЕА ДА ГО ВОВЕДЕ БРОЈОТ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ 112, СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ ВЕЛИ ЌЕ ПРОРАБОТИ ВО ЈУНИСо воведувањето на бројот 112 сите повици за помош од цела држава ќе се примаат во главниот центар сместен во просториите на ЦУК. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ниту една власт изминативе 15 години не успеа го воведе единствениот број за пријавување несреќи, пожари, ризици и опасности – 112. За сегашната власт причина за неспроведување на овој проект кој е задача за сите земји аспиранти за членство во Европската унија, е пандемијата на ковид-19.

    Ексдиректорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Агрон Буџаку лани во октомври за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека дел од парите кои ЦУК ги добил од државниот буџет, со ребалансот поради коронакризата им биле земени, па дел од активностите не се реализирани. Тогаш Буџаку рече се надева дека во 2021 година бројот 112 ќе пофункционира.

    И сегашниот директор на ЦУК Стојанче Ангелов, по случајот во кој не беше обезбеден транспорт на премрзнатиот 63-годишен сточар во кратовското село Емирица кој почина завчера во Штипската болница, неколку дена откако лекарите на раце го носеле 5 километи низ планина, најави дека во јуни ќе профункционира единствениот број за несреќи и итни случаи.

    „Ние како ЦУК веќе неколку месеци интензивно работиме на воспоставување и имплементација на повикувачкиот европски број 112. Се работи за број на кој секој граѓанин ќе добие било каква помош. На овој број ќе може да се пријавуваат физички напади, сообраќајни несреќи  пожари и слично и и со тоа брзо ќе се поврзат граѓаните со институцијата којашто ќе им помогне и е надлежна за тоа, а координирано и во содејство со другите институции и служби“, рече Ангелов.

    Сега во земјава има четири броеви за итни случаи и тоа 192 – Полиција, 193 – Пожарна, 194 – Брза помош и 195 – Центар за управување со кризи.

    Со воведувањето на бројот 112 сите повици од цела држава ќе се примаат во главниот центар сместен во просториите на ЦУК. Од таму повиците ќе се пренасочуваат кон оној за кого е наменет повикот. Тоа значи дека ако станува збор за пожар, операторот ќе го префрли повикот во централата на Противпожарната бригада.

    Повиците ќе се снимаат, што значи ќе нема простор за префрлање на одговорноста, како што е во случајот со кратовскиот овчар, за чиј транспорт не беше обезбеден џип, а како што кажа вчера Ангелов, оперативецот во Кратово не побарал хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување, што е кршење на стандардните оперативни процедури.

    Проектот европски број за итни случаи почна да се имплементира уште во 2006, веднаш по формирање на Центарот за управување со кризи како посебно владино тело. Како што велат од ЦУК, во тоа време била набавена автоматска телефонска централа за потребите на Центарот, како и 8 помали телефонски централи за главните осум регионални центри. Набавени биле компјутери, лаптопи и опрема за владините тела, управувачкиот комитет и групата за проценка. Во зградата на Дирекцијата и Центарот било извршено комплетно телекомуникациско поврзување со опрема. Во 2007 со јавен меѓународен тендер за имплементација на бројот 112 била изработена физибилити студија, а од владата беше формиран надзорен одбор за следење на имплементацијата.

    Оттогаш до 2016, и покрај напорите на ЦУК за реализација на овој проект, не се започна со негова имплементација. Од ЦУК велат дека Владата повторно го отвори ова прашање и се почна со работа за  имплементација. Бидејќи повеќе од 10 години ништо не било направено, потребно било да се изработи нова физибилити студија оти состојбата е сменета. Решено е наместо осум да има седум регионални центри.

    Веќе е набавена опремата со донација од ЕУ во висина од 1,5 милиони евра, а завршена е и обука за лицата кои ќе работат на овој број.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира