15 МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ БЕЗ ДРЖАВНА ПОМОШ НАСТАПИЈА НА ТЕХНОЛОШКИОТ САМИТ ВО ЛИСАБОН, СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ ИМАА НАЦИОНАЛНИ ШТАНДОВИ

    15 МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ БЕЗ ДРЖАВНА ПОМОШ НАСТАПИЈА НА ТЕХНОЛОШКИОТ САМИТ ВО ЛИСАБОН, СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ ИМАА НАЦИОНАЛНИ ШТАНДОВИЗа разлика од соседните држави, кои имаа национални штандови брендирани со името на државата, нашите компании беа оставени сами на себе. (Фото: СДК.МК)

    Од 11 до 14 ноември во Лисабон, Португалија се одржа најголемиот технолошки настан „ВебСамит 2024“, на кој имаше 71.000 учесници. Како најголема технолошка конференција во светот, ова е настан кој привлекува стартапи, компании, инвеститори и иноватори од сите индустрии. На Самитот учествуваа и петнаесетина македонски компании, но за разлика од другите земји кои имаа државна помош, нашите претставници беа оставени сами на себе. Дел од нив беа присутни како учесници, додека неколку компании успеаја да се претстават со сопствени штандови.

    Александар Савов од компанијата „Микротика“, која беше присустна со свој штанд на Самитот, вели дека интересот за нашите штандови бил голем, но споредбено со компаниите од регионот, кои имаа организирана поддршка од своите држави, „ние навистина изгледавме мали и недоволно истакнати“.

    „Компаниите од Србија, Бугарија, Грција, Романија, па дури и од Косово беа многу поорганизирани и имаа значително посилно присуство благодарение на државната поддршка. Тоа им овозможи на овие земји да организираат импресивни штандови и да се позиционираат како клучни играчи на меѓународниот ИТ пазар. Од друга страна, македонските компании, и покрај нивниот огромен потенцијал, се соочуваат со предизвик да ја организираат целата своја претставеност самостојно. Видовме како државната поддршка може да направи разлика за компаниите од регионот. Тие имаа силно присуство на ‘ВебСамитот‘, додека македонските компании продолжуваат да се потпираат исклучиво на сопствените ресурси. Со ова несвесно дозволуваме другите земји од Балканот подобро да се позиционираат, иако нашиот ИТ сектор нуди висококвалитетни решенија и услуги“, вели Савов.

    Савов смета дека македонските компании имаат капацитет и знаење, но без соодветна поддршка од државата, остануваат чекор зад своите соседи.

    „Веруваме дека Македонија има огромен потенцијал во ИТ секторот. Време е државата да изгради стратегија за позиционирање на македонските компании како доверливи партнери на глобалниот пазар. ИТ секторот е подготвен за соработка и за спроведување на ваква стратегија. Ние како компанија, иако самостојно се организиравме, имавме активно учество и успеавме да стапиме во контакт со околу 500 учесници и компании, од кои со околу 120 разговаравме конкретно за можности за соработка. Ова покажува дека интересот за нашите решенија беше значителен и дека ‘ВебСамитот‘ е непроценлива можност за поврзување и нови партнерства“, додава Савов.

    Савов вели дека во минатото постоеја успешни иницијативи, како што беше „Инвест ин Македонија“, која овозможи одредено позиционирање на земјава како атрактивна дестинација за странски инвестиции. Но, во моментов не се прави ништо во таа насока. Смета дека е потребно вклучувањето на стопанските комори и Фондот за иновации, кои со својата стручност и поддршка можат да помогнат во успешно позиционирање на Македонија како доверлив ИТ партнер.

    „Настаните како ‘ВебСамитот* не се само платформа за промоција, туку и можност за нови партнерства и инвестиции. Со вистинска државна поддршка и стратешки пристап, Македонија може да се издигне како сигурен ИТ партнер на глобалните пазари“, вели Савов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира