Осумнаесет глумци ја откажаа вечерашната изведба на претставата „Ничија земја“, во Македонскиот народен театар (МНТ) како поддршка на колегата Владо Јовановски, кој доцна попладнево доби мерка притвор од 30 дена од Кривичниот суд во Скопје, како еден од 36. осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април.
Актерите Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски, излегле на сцената, и ѝсе извиниле на публиката дека ја откажуваат претставата во знак на протест за притворот за колегата Јовановски.
В.д. директорот на МНТ Драган Спасов- Дац ни рече дека е на состанок токму со екипата на претставата, и дека разговараат за откажувањето. Повеќе детали најави за утре.
Јовановски е вработен глумец во МНТ од 1993. Изминативе години не беше многу активен на театарската сцена, туку беше повеќе ангажиран со телевискиот проект „Истражи ја Македонија“ и ТВ серијата „Преспав“.
Продукцијата ОХО во мај, по организираниот упад на Собранието на 27 април, соопшти дека актерот Игор Џамбазов ќе го замени Јовановски во ТВ серијата „Преспав“.
Според архивата на МНТ, меѓу последните негови претстави се „Вечната куќа“ во режија на Дејан Пројковски, „Аферата Елсинор“ на Љубиша Георгиевски, претстави кои подолго време не се на репертоарот.
Јовановски есенва беше ангажиран од Љубиша Георгиевски за претставата во Драмски театар, „Папагалот Историко“. Претставата имаше само премиера, репризата беше откажана бидејќи беше продадена само еден билет, па потоа се изведе на крајот на октомври.
На 29 ноември Основниот суд Скопје 1 им изрече мерка притвор на 13-мина од осомничените, вклучувајќи ги Митко Чавков, и Игор Дурловски и Богдан Илиевски Бетмен, водачи на неформалното здружение кое што беше инспиратор на протестите што доведоа до организираниот напад во Собранието на 27 април. Шестмина добија куќен притвор, меѓу нив беа и Борис Дамовски и Владо Јовановски, другите водачи на „За заедничка Македонија“. Судот денеска ја преиначи одлуката за петмина со куќен притвор и Дамовски и Јовановски добија 30 дена притвор во Шутка. Сите се осомничени во истражната постапка за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а минималната казна за ова кривично дело е 10 години.
Б. НЕСТОРОСКА