18 ИГРАОРЦИ ОД ГЕВГЕЛИЈА СЕ ИДЕНТИФИКУВАНИ, СИТЕ ЌЕ ОДГОВАРААТ ПАРИЧНО ЗА КРШЕЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ЗА ВЕЛИГДЕН

    18 ИГРАОРЦИ ОД ГЕВГЕЛИЈА СЕ ИДЕНТИФИКУВАНИ, СИТЕ ЌЕ ОДГОВАРААТ ПАРИЧНО ЗА КРШЕЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ЗА ВЕЛИГДЕНОд два настана, протестот во скопската населба Ченто и од играњето оро во Гевгелија за Велигден, двата случени со кршење на забраната за движење, МВР ќе поднесе кривични пријави за парични казни против засега 46 граѓани. - Играорците во Гевгелија (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Од вкупно 18 гевгеличани кои на Велигден завчера излегоа на улица и играа оро среде забрана за движење за да не се шири коронавирусот, а МВР сите ги идентификуваше од видеоснимката,  полицијата разговарала денеска со осуммина. Покана за службен разговор се праќа и до останатите идентификувани, следат кривични пријави за сите што излегоа да играат оро среде полициски час.

    „По целосно документирање на настанот против сите вклучени во настанот ќе бидат поднесени соодветни казнени пријави, а целокупната постапка е во координација со надлежен обвинител од ОЈО Гевгелија“, вели МВР.

    Во врска со настанот кој што се случи на 13 април во населбата Ченто, пак, кога поголема група на граѓани ја прекршија мерката за ограничување на движењето, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје во изминатиот период биле преземени активности насочени кон целосно расчистување на настанот и идентификување на учесниците.

    „До овој момент, освен трите лица кои првично беа приведени и за кои веднаш беше поднесена кривична пријава, дополнително по извршена оперативни активности идентификувани се уште 23 лица. Тие се повикани во полициска станица и со истите е извршен службен разговор, за што е изготвена соодветна документација. По целосно комплетирање на документацијата, изготвена е кривична пријава против 23 лица за сторено кривично дело предвидено и казниво по член 206 од КЗ и истата е доставена до Основното јавно обвинителство. Покрај ова, а во насока на целосно расчистување на настанот, МВР и понатаму презема соодветни мерки и активности со цел идентификација и на останатите учесници, и по целосно завршување на постапката ќе биде доставен дополнителен поднесок до надлежното ОЈО“, соопшти МВР.

    За вчерашниот настан на улицата „Антон Панов“ во Скопје, каде што беше приведено момчето С. Б. заедно со кучето милениче полицијата утврдила дека тоа било надвор од домот спротивно на  пропишаното време за прошетка на домашни миленици, така што согласно член 206 од КЗ на РСМ лицето било приведено во полициска станица.

    Во втората истрага за овој случај, пак, дисциплинска одговорност ќе биде покрената против полицајците кои го приведуваа, бидејќи беа без заштитни маски и без ракавици.

    „Полициските службеници работните задачи ги извршувале спротивно на Упатството за начинот на однесување на работниците во МВР во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на коронавирус и препораки со цел спречување на ширење на коронавирусот без пропишаната заштитна опрема. Следствено на тоа, против полициските службеници кои преземале службени дејствија спротивно на пропишаните правила и прописи, иницирана е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност“, соопшти МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира