20 ОТСТО ЗЕЛЕНИЛО НА СЕКОЈА ГРАДЕЖНА ПАРЦЕЛА, ПРЕДВИДУВА НОВИОТ ЗАКОН ЗА УРБАНО ЗЕЛЕНИЛО УСВОЕН ВО СОБРАНИЕТО

    20 ОТСТО ЗЕЛЕНИЛО НА СЕКОЈА ГРАДЕЖНА ПАРЦЕЛА, ПРЕДВИДУВА НОВИОТ ЗАКОН ЗА УРБАНО ЗЕЛЕНИЛО УСВОЕН ВО СОБРАНИЕТОВо законот стои дека секоја општина има обврска за изработка на зелен катастар, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба, а внесен е стандардот од 25 квадратни метри зелена површина по жител, за сите идни Генерални урбанистички планови.(Фото:М.Златевска)

    Најмалку 20 отсто зелена површина треба да има секоја градежна парцела. Ова се предвидува со Законот за урбано зеленило, усвоен вчера во Собранието.

    Во законот стои дека секоја општина има обврска за изработка на зелен катастар, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба, а внесен е стандардот од 25 квадратни метри зелена површина по жител, за сите идни Генерални урбанистички планови. Законот предвидува и најмалку 20 отсто зелена површина на секоја градежна парцела, а во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади.

    „Се смета дека 25 квадратни метри зеленило по жител овозможува здраво и хумано живеење. Тоа била и проекцијата за Скопје во Генералниот урбанистички план од 2002-та, но никогаш не дошла ни близу. Според официјални податоци од ГУП 2012-2022, Скопје во 2011 имало 12,17 квадратни метри зеленило по жител според пописот од 2002, односно 9,18 квадратни метри по жител сметано на 550.000 жители, но во рамките на новиот плански опфат. Како проекција за 2022 е предвидено 18,5 квадратни метри зеленило по жител, или околу 17 квадратни метри според реалниот број жители. Слична е состојбата и со другите градови во Македонија. За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило“, стои во образложението на Предлог-законот кој беше поднесен од група пратеници од партиите ДОМ и СДСМ.

    Законот ги обврзува сите физички и правни лица кои имаат зелени површини редовно да го одржуваат зеленило. Со Законот се заштитува веќе постоечкото зеленило, односно се става крај на непланското сечење на дрва и уништување на зеленилото за градби.

    „Конечно после седум години успеавме да го донесеме овој Закон кој сметам дека ќе донесе револуција во просторното планирање односно ставаме рачна кочница на уништување на зеленилото и бетонизација на општините. Со овој закон веднаш ќе може да се почувствуваат придобивките односно нема зеленилото да ни го снемува пред очи, ќе имаме еден сосем нов пристап во планирањето со тоа што обврзуваме 20 отсто од урбанистичките планови да имаат предвидено зеленило, не само во населените места туку и надвор од нив. Очекувам веќе за две години да ги видиме резултатите од зазеленување на градовите, верувам во тоа зошто кај сите градоначалници има силна волја за зазеленување на општините“, вели пратеничката на ДОМ Лиле Поповска, иницијатор на донесување на Законот за урбано планирање.

    Во Законот стои дека Министерството за животна средина и просторно планирање, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да предвидат средства во буџетите за обезбедување на стандардот од 25 квадратни метри зеленило по жител.

    Законот предвидува и казни доколку не се почитува. Доколку правното лице редовно не го одржува зеленилото ќе му се изрече глоба од 500 до 1.000 евра, а за граѓаните кои нема да се грижат за зеленилото во нивниот двор казната е 50 евра. Глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во ќе му се изрече на правното лице носител на лиценца за изработка на урбанистички планови ако изработи детален урбанистички план и архитектонско урбанистички проект кој нема да ги задоволува одредбите предвидени со Законот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира