2018 И 2019 ГОДИНА ИМАВМЕ НЕГАТИВЕН ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТ ОТИ УЈП НЕ НАПЛАТИ ЗАОСТАНАТИ 33 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА, РЕАГИРААТ ОД МРТВ

    2018 И 2019 ГОДИНА ИМАВМЕ НЕГАТИВЕН ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТ ОТИ УЈП НЕ НАПЛАТИ ЗАОСТАНАТИ 33 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА, РЕАГИРААТ ОД МРТВРадиодифузната такса беше укината од Собранието на 19 септември 2017 година преку измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. (архивска фотографија)

    Македонската радиотелевизија вели дека во 2018 и во 2019 година има негативен финансиски резултат поради ненаплатена радиодифузна такса, што е обврска на Управата за јавни приходи, во реакцијата на текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК „МРТВ трупа милионски загуби со директор од времето на Груевски“. Од МРТВ велат дека побарувањата по основ на ненаплатена радиодифузна такса изнесуваат повеќе од 33 милиони евра, а за нивна наплата во изминатиот период од страна на Управата за јавни приходи не беа преземени апсолутно никакви мерки.

    Радиодифузната такса беше укината од Собранието на 19 септември 2017 година преку измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

    „МРТ во периодот од 2012 до 2017 година остварила позитивни резултати во работењето и тоа: во 2012 година во износ од 180.152.608,00 денари или 2.929.310,70 евра, во 2013 година во износ од 48.510.173,00 денари или 788.783,30 евра, во 2015 година во износ од 64.948.943,00 денари или 1.056.080,37 евра, во 2016 година во износ од 77.909.991,00 денари или 1.266.829,12 евра и во 2017 година во износ од 8.857.796,00 денари или 144.029,20 евра. Во 2018 и во 2019 година МРТ има негативен финансиски резултат поради ставката вредносно усогласување, односно исправка на вредноста на побарувањата кое произлегува од ненаплатената радиодифузна такса, што пак, согласно Законот за радиодифузна дејност, а потоа и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше обврска на Управата за јавни приходи. Побарувањата по основ на ненаплатена радиодифузна такса изнесуваат повеќе од 33 милиони евра, а за нивна наплата во изминатиот период од страна на Управата за јавни приходи не беа преземени апсолутно никакви мерки. Со укинувањето на радиодифузната такса во 2017 година (сл.весник 132/17) и непреземањето на никакви мерки за извршување на законската обврска од страна на Управата за јавни приходи, наплата на побарувањата што МРТ ги има по овој основ речиси и да нема, а и за во иднина наплатата останува неизвесна“, се вели во реакцијата на МРТВ.

    Од овие причини, додаваат од МРТВ, согласно спроведувањето на меѓународните сметководствени стандарди, МРТВ има обврска во финансиските извештаи во годината што завршува на 31.12.2019 да изврши книговодствена исправка на вредноста на побарувања по основ на ненаплатена радиодифузна такса што за 2019 година изнесуваше 703.071.769 денари.

    „Во случај во наредниот период по овој основ да има наплата, за тој износ ќе бидат искажани приходи. Доколку оваа ставка беше изоставена од Финансискиот извештај за 2019 година, МРТ ќе имаше позитивен резултат од работењето во износ од 175,925,172,00 денари или 2,860,571,00 евра“, велат од МРТВ.

    Во моментов, од МРТВ велат дека на своите сметки имаат салдо од 100.681.295,00 денари, а воедно платени се сите тековни и доспеани долгови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира