21-годишно момче од Тетово почина од ковид-19 во Клиничката болница во Тетово. Тој пред 10 дена бил донесен на лекување, но веќе бил во многу тешка состојба. За неговиот живот се бореле и докторите од Тетово, а на помош биле викнати и доктори од Инфективната клиника од Скопје. Иако момчето немало никакви други болести, по десетдневна борба за неговиот живот, вчеравечер тоа почина.
„Во изминативе 24 часа имавме 6 починати пациенти, а меѓу нив е и едно лице од машки пол на 21-годишна возраст. Тој беше примен во Ковид центарот на 15 август со многу тешка клиничка слика. Ние сакавме да го траспортираме за Скопје, но родителите одбија па го оставивме кај нас. Додека беше хоспитализирано кај нас правевме чести консултации со Инфективната клиника во Скопје, од каде ни даваа насоки околу третманот. Пациентот беше неколку пати посетен и од доктори кои дојдоа од Скопје, па и истиот ден кога почина. За жал, лицето беше резистентно на целата терапија и на најновите протоколи што ги применувавме. Според официјалните анамнестички податоци кои ги имавме, се работи за пациент кој нема никаков коморбидитет, но од неофицијална претпоставка, а и сомнеж на лекарите кои го прегледале, можеби се работи за некаков синдром бидејќи лицето беше многу резистентно на терапијата. Но, за да се потврди тоа ќе треба генетски да се тестира“, изјави д-р Гзим Нуредири, раководител на Ковид центарот во Тетово.
Д-р Нуредини вели дека според бројот на новопримени пациенти, бројот на хоспитализирани и се поголемиот број амбулантски прегледи, и во наредниот преиод состојбата со ковид-19 ќе биде крајно тешка.
„Сѐ уште имаме голем број починати, голем број примени и хоспитализирани пациенти. Во овој момент, 123 лица се на болничко лекување, а во изминативе 24 часови имаше 17 нови приеми и 188 амбулантски прегледи. Овие бројки се загрижувачки и кажуваат дека и понатаму ќе продолжи ваквата тешка состојба. Од тие што се на болничко лекување со прва доза се вакцинирани 8, а со две дози вакцина 7 пациенти. Поголемиот дел од нив се вакцинирани со вакцината на ‘Синовак’, со која во Тетовскиот Регион најмногу се вакцинираше, но меѓу хоспитализираните има и што примиле и од другите вакцини. Досега немаме лице починато, а кое било вакцинирано со вакцината на ‘Синовак’. Од починатите ниту еден пациент не бил вакциниран. Повеќе пати кажувавме дека во Тетово има голем број на млади кои се заразени. Затоа, апелираме штом ќе осетат такви симптоми, ако не се тестираат барем нека се изолираат, зашто ако почне нагло да се заразуваат и младите тогаш состојбата ќе биде уште потешка“, вели д-р Нуредини.
Д-р Нуредини вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека лекарите се преморени од ковид пандемијата, но тоа не е проблем, проблем е недисциплинираноста на народот и отпорот кон вакцинацијата.
„На тие што не се вакцинирани сакам да им кажам дека од лицата што се хоспитализирани 95 проценти се невакцинирани. Ова е еден апел. Второ, што побрза вакцинација значи што побрзо совладување на вирусот. Ако вирусот седи подолго време, ќе имаме нови и нови соеви кои ќе бидат полоши, поконтактибилни, посмртоносни“, вели д-р Нуредини.
З. АНДОНОВ