250.000 ВРАБОТЕНИ МОЖАТ ДА ДОБИЈАТ ПО 14.500 ДЕНАРИ МИНИМАЛНА ПЛАТА ЗА АПРИЛ И МАЈ, КАЖА ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ

    250.000 ВРАБОТЕНИ МОЖАТ ДА ДОБИЈАТ ПО 14.500 ДЕНАРИ МИНИМАЛНА ПЛАТА ЗА АПРИЛ И МАЈ, КАЖА ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИСпасовски кажа дека работодавачите кои ќе ја искористат оваа помош од државата не треба да отпуштаат вработени во наредните 4 месеци, односно заклучно со септември треба да ги задржат сите работни места. (Фото: Кабинет на Претседател)

    Владата очекува 250.000 граѓани да аплицираат за мерката за субвенционирање на платите за месеците април и мај поради кризата со коронавирусот. Техничкиот премиер Оливер Спасовски кажа дека на денешната владина седница биле донесени Уредби за субвенционирање на платите за вработени лица, за занаетчии и за субвенционирање на 50 отсто од придонесите, со што стапуваат на сила мерките од вториот економски пакет на Владата.

    „Со оваа мерка државата ги спасува работните места на граѓаните. Дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за мерката субвенционирање на минимална плата. Ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места или 35.000 компании. Сумата која ќе добие секој работник е 29.000 денари за двата месеци. Работодавачот треба да достави барање до Управата за јавни приходи, која е задолжена веднаш да ги утврди формата и обрасците за аплицирање. Аплицирањето треба да се изврши преку системот Е-даноци до 5-ти во месецот за претходниот месец. УЈП во рок три дена треба да одговори на барањето на работоавачот. Исплатата пак на средствата од страна на државата ќе се врши до 13-ти во месецот за претходниот месец“, рече премиерот Спасовски.

    Тој кажа дека работодавачите кои ќе ја искористат оваа помош од државата не треба да отпуштаат вработени во наредните 4 месеци  односно заклучно со септември треба да ги задржат сите работни места.

    Како алтернативна мерка за фирмите е субвенционирање на 50 отсто од придонесите на вработените. Придонесите не треба да бидат повисоки од оние кои се плаќаат за просечната плата во земјава. Според проценките на Владата оваа економска мерка ќе чини околу 560 милиони денари.

    „Фирмите не можат да аплицираат за двете мерки односно можат да побараат или минимална плата или субвенционирање на 50 отсто од придонесите“, рече Спасовски.

    Исто така донесена е Уредба за субвенционирање на занаетчии и физички лица кои вршат самостојна дејност, со 14.500 денари месечно.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира