Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вели дека старосната структура на новозаболените од ковид-19 за периодот од 3 до 9 август, ќе ја објави на почетокот на работната недела. Во земјава вчера беа регистрирани 200 новозаболени од ковид-19, а вкупно дијагностицирани во државава се 11.754, од кои оздравеа 7.622, починаа 523, а активни случаи има 3.609.
Според податоците до 2 август возраста на заболените се движи од 0 до 97 години (просек – 44,7 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 2.457 (22,1%) со инциденца од 641,0/100.000, а највисока специфична инциденца од 773,2/100.000 се регистрира на возрасната група од 50-59 години (2.150 заболени). Најниска инциденца од 185,7 и 193,8 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 425 и 485 случаи соодветно.
Од 11.005 случаи кои се епидемиолошки истражени до 2 август, кај 2.979 или 27,1% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 1.775 или 59,6% имале контакт со веќе потврден случај во државата.
Институтот за јавно здравје на почетокот на коронакризата секојдневно објавуваше детална статистика со број на заболени, пол, возраст, и коморбидитети, за по извесно време, дневното ажурирање на нивната интернет страница да се сведе само на бројка на заболени, починати и оздравени и биланс по градови и општини. На нивната официјална страна, поставен е последниот извештај со податоци за 7 август само со информации за број на тестови, заболени, починати и оздравени, дистрибуција на заболени по градови и за тестовите, а достапен е на следниов линк.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК вчера испрати повеќе прашања до Институтот и до Министерството за здравство, меѓу кои и за старосната структура на новозаболените, и за тоа зошто се доцни со објавување на податоци на сајтот на Институтот за јавно здравје и зошто, за разлика од почетокот на коронакризата, веќе ги нема тие информации за старосна структура и повеќе податоци.
Оттаму стигнаа следните одговори: „Сите детални информaции во однос на старосна структура, демографија, повеќе податоци се даваат на неделно ниво во неделните извештаи кои редовно се објавуваат на страницата на Институтот за јавно здравје. Во овие извештаи на ИЈЗ освен неделните, содржани се и кумулативни податоци за состојбата со ковид-19 во земјава од почетокот на пандемијата“.
Во Министерството прашавме и зошто повеќе во дневните извештаи не се кажува во кои болници се починати лицата, а оттаму велат дека сметаат оти за јавноста е битна информација дали пациентите се починати во болнички или вонболнички услови, а ако прашаат новинарите ќе им кажат и од кои болници се починатите.
„Министерството за здравство располага на дневна основа со податоци за болниците во кои починале пациентите и по прашање за новинари за даден ден се одговара на тоа прашање“, велат од кабинетот на министерот Венко Филипче.
Министерството вели и дека дневна статистика на починати пациенти се води од самиот почеток на кризата. И во кумулативниот извештај на ИЈЗ ги има податоците за број на случаи почнати во вонболнички услови, и број на оние кои починале во тек на хоспитализација.
Според последниот извештај на веб-страната на Институтот, во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 5.549 машки и 5.578 женски лица.
Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,0%), малаксаност (41,1%), кашлица (40,2%), болка во грло (14,8%), главоболка (14,5%), треска (12,8%), отежнато дишење (11,3%) и ослабен осет за мирис и/или вкус (10,1%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени , пријавен е 101 (0,9%) случај кај бремени жени, од кои 25 биле хоспитализирани во текот на болеста. Четириесет и седум од регистрираните трудници се асимптоматски случаи.
Во однос на коморбидитети, од 11.005 случаи кои се епидемиолошки истражени, кај 3.324 (30,2%) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 2.307 лица имаат кардиоваскуларна болест, 938 дијабет, 468 се со хронична белодробна болест и 600 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 1.339 (58,7%) се присутни коморбидитети.
Регистрирани се 718 (6,5%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.
До 2 август регистриран е 501 смртен случај. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 95,8/100.000 жители.
Регистрирани се 319 смртни случаи кај лица од машки и 182 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 404 (80,6%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (306), дијабет (142) и белодробна болест (74). Регистрирани се два смртни случаи кај бремени жени и четири смртни случаи кај здравствени работници. Дваесет и седум (5,4%) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а останатите 474 (94,6%) починале за време на хоспитализација.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени до 2 август 226 (2,1%) се импортирани, од нив 8 лица се детектирани на точка на влез, а последниот импортиран случај е регистриран на 1 август.
Б. НЕСТОРОСКА