30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ТОНИ ЈАКИМОВСКИ, ЕКСШЕФОТ НА КАБИНЕТОТ НА МИЈАЛКОВ

    30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ТОНИ ЈАКИМОВСКИ, ЕКСШЕФОТ НА КАБИНЕТОТ НА МИЈАЛКОВНаредбата за апсење на Тони Јакимовски, кој е осомничен за злоупотреба на службената положба, ја даде обвинителката Вилма Рускоска. - Тони Јакимовски (архивска фотографија)

    Судија на претходна постапка му изрече мерка притвор во траење од 30 дена на Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како осомничен во истрагата на Обвинителството за организиран криминал за проневера на над 50 милиони денари во УБК. Во истрагата се опфатени уште три осомничени лица, сега веќе пензионирани вработени во УБК. Притвор му е одреден и на осомничениот С.М., а на осомничениот К.Ј. Му се изречени поблаги мерки на претпазливост.

    „По произнесување на лицата во однос на предлогот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на Т.Ј. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП, на С.М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП и за К. Ј го прифати предлогот и определи мерки на претпазливост и тоа Одземање на патната исправа, Обврска за јавување во суд, Забрана за напуштање на живеалиштето и Забрана за вршење определени работни активности поврзани со кривичното дело“, соопшти Основниот суд Скопје 1.

    Наредбата за апсење на Тони Јакимовски, кој е осомничен за злоупотреба на службената положба, ја даде обвинителката Вилма Рускоска. Јакимовски, кој денеска присуствуваше како обвинет за масовното незаконско прислушување во случајот на СЈО „Тврдина-Таргет“ и тој практично не си ни замина од Основниот суд Скопје 1.

    „Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, македонски државјани. Лицата се осомничени дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 50.670.000,00 денари“, соопшти ОЈО за организиран криминал.

    Од 8 март, во притвор во Шутка е и Мијалков, осуден неправосилно на три години затвор во предметот на СЈО „Титаник 2“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира