300 РОДИТЕЛИ УЧЕСТВУВАА ВО ПЕТТИТЕ „РАЗГОВОРИ ЗА РОДИТЕЛСТВО“ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА УНИЦЕФ

    300 РОДИТЕЛИ УЧЕСТВУВАА ВО ПЕТТИТЕ „РАЗГОВОРИ ЗА РОДИТЕЛСТВО“ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА УНИЦЕФРодителите на овие настани добиваат и совети како да постапат со своите деца во најразлични ситуации, велат од УНИЦЕф (Фото: УНИЦЕФ)

    На петтиот настан „Разговори за родителство“, што денес се одржа во Скопје присуствуваа околу 300 родители, кои беа да ги слушаат предавањата од стручни лица и педагози како да ги надградат родителските вештини, како дел од кампањата „И родителството се учи“ на УНИЦЕФ, Европската унија и Министерството за труд и социјална политика.

    Настанот почна со танцот „Тишина“ на танцовото студио „Бетрикс кру“. Од канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија велат дека членовите на танцовото студио работејќи со деца самите почувствувале дека има потреба од создавање на ваков перформанс, со кој се отсликува како насилството влијае врз децата. Танцот е подготвен уште лани и трае час и половина, а на овој настан беше изведена скратена верзија.

    На настанот беше изведен и дел од танцот „Тишина“ на танцовото студио „Беатрикс кру“, со кој се покажува како насилството влијае врз децата (Фото: УНИЦЕФ)

    „Кампањата почна со разговори низ целата земја за научните факти во врска со развојот на човечкиот мозок, емотивното приврзување, развојот на карактерот, различните родителски стилови и влијанието на негативните искуства од детството и стресот врз развојот на децата. Кога општеството им помага на родителите да подигаат деца кои имаат здрава приврзаност, кои се стимулирани, кои веруваат во себе, упорни се, имаат емпатија, знаат како да се справат со разочарување и можат да учат и да откриваат нови работи, тогаш создаваме животен циклус на лично човечко поврзување и развој и посилно, просперитетно и безбедно општество“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

    Стручњаци и педагози зборуваа за четири вида родителски стилови и како родителите да го подобрат начинот на комуникација со децата, за да можат да израснат среќни деца, кои ќе имаат самодоверба.

    Од канцеларијата на УНИЦЕФ, која е организатор на настаните „Разговори за родителството“ велат дека има голем интерес и дека планираат со нив да продолжат следната година (Фото: УНИЦЕФ)

    „Ова е ваков петти настан, што се одржа во Скопје. Во Струмица имаше најголем интерес досега, дојдоа 600 родители, потоа во Битола 350, во Гостивар имаше 400 луѓе, а во Куманово имаше околу 350. Интересот е голем за овие разговори и предавања“, велат од УНИЦЕФ.

    Покрај предавањата за родителските стилови и вештини, од УНИЦЕФ велат дека родителите поставуваат најразлични прашања од типот како да го натераат детето помалку време да минува пред компјутер и телефон, а повеќе во активна игра или да учи, потоа како да му вградат самодоверба на детето, кога и самите немаат самодоверба, како да воспитаат дете во семејтво во кое еден од родителите има порок, како што е алкохолизам и ред други прашања.

    „Секое искуство на детето влијае на начинот на кој тоа размислува, се чувствува, однесува и учи понатаму во животот. Она што го зборуваме дома, начинот на кој воспитуваме нашите деца се одразува на нивното однесување надвор од домот и директно влијае на создавањето на позитивно општество. Секој од нас треба да е свесен дека иако љубовта ни доаѓа природно, родителството навистина се учи“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    Таа кажа дека во над 15 градинки низ Македонија отвораат советувалишта за родители, и дека работат на зголемување на нивниот број.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира